Бугарскиот премиер Бојко Борисов по вчерашната онлајн-средба ЕУ- Западен Балкан порача дека Бугарија не сака Северна Македонија да си тера внатрешна политика на нејзин грб, јави бугарското радио „Дарик“.
– ЕУ целосно го поддржа ветувањето кон партнерите од Западен Балкан за соработка за нивно придружување. Бев многу поддржан од други колеги, зашто искажав разбирање кон нашите колеги, вклучително и за тоа што во предизборната кампања им се испушта и патриотизмот, но таму даваат недозволени изјави – рече Борисов.
Прашан дали не е време да „се удри по масата“, Борисов одговара „ние сме во Европа и работиме по документи“.
– Ние нашата работа ја завршивме, спремни сме да помогненеме, но и кажавме кои се нашите услови. Тоа (влегувањето во ЕУ) не е според желбите, ако нешто не ти се допаѓа, да не го правиш – рече Борисов, објаснувајќи дека на Македонците им дал „најбратски совет да не поставуваат неисполниви услови и да го искористат тоа што еднаш им се дава како можност.
Борисов, како и низа други политичари во Бугарија, реагираше на изјавата на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров кој во врска со барањата од бугарската страна во Преговарачката рамка да нема македонски јазик и македонско малцинство завчера порача дека невозможно е да се гради пријателство, ако го предизвикувате идентитетот на соседот.
Тој рече и дека јазикот не е прашање што е предмет на признавање или не признавање на држави и оти во 21 век, особено во Европа, не може да се негира правото на самоопределување и самоизразување.