ЦИВИЛ го поздравува договорот за 15. јули

Сподели

 

ЦИВИЛ го поздравува постигнувањето на договорот за датум за одржување на предвремените парламентарни избори на 15 јули, со што ѝ се стави крај на неизвесноста, по бројните одложувања. Иако препораките на ЦИВИЛ беа последен датум да биде 5 јули, дополнителните 10 дена одложување не значат многу во споредба со барањата на дел од политичките партии тие да се одржат кон крајот на август или септември.

 

 

 

По повод конечното усогласување на датумот за избори, ЦИВИЛ ја потсетува јавноста дека почитувањето на мерките за заштита од корона вирусот е обврска на сите граѓанки и граѓани, како и на политичките партии, институциите, медиумите и граѓанските организации. Почитувањето на мерките е пресудно во борбата против корона вирусот, како во секојдневниот живот, така и во текот на спроведувањето на изборниот процес. Поточно, изборите ќе бидат толку безбедни за јавното здравје, колку што сите ќе се придржуваат до мерките и протоколите за заштита.

ЦИВИЛ потсетува на наодите од долгорочниот мониторинг, кои ги соопшти и на прес конференцијата на 14 јуни, во кој се бележи интензивна црна пропаганда и ширење на лажните вести и говорот на омраза. Организацијата повеќе пати во изминатиот период ги осуди обидите за политичко профитирање преку ширење лажни вести и говор на омраза и континуирано ги повикува институциите да ги санкционираат ширењето на омраза по етничка и верска основа и повиците на насилство.

ЦИВИЛ ги повикува политичките партии да се придржуваат кон законите и добрите изборни практики за спроведување демократски, фер и слободни избори во Република Северна Македонија.

Долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ започна веднаш по постигнувањето согласност за одржување предвремени парламентарни избори на 20 октомври 2019 година, а се прават напори на 15 јули да се ангажираат околу 300 краткорочни набљудувачи низ целата земја. Во тек е и повик за аплицирање за краткорочни набљудувачи на ЦИВИЛ.