СЗО го поздрави резултатот од „дексаметазонот“

Сподели

 

Светската здравствена организација (СЗО) како одлична вест го поздрави резултатот од првото клиничко испитување што покажува дека евтиниот и широко распространет стероид „дексаметазон“ може да помогне да се спасат тешко болните пациенти од коронавирусот.

– Ова е прва терапија за која се покажа дека ја намалува смртноста кај пациенти со ковид-19, кои се наоѓаат на кислород или вештачка вентилација. Ова е одлична вест и честитки до владата на Велика Британија, Универзитетот Оксфорд и многуте болници и пациенти во Велика Британија, кои придонесоа за научниот продор што спасува животи – изјави доцна синоќа генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус.

Истражувачите ги споделија првичните заклучоци за резултатот со Светската здравствена организација и „се радуваме на целосната анализа на податоците во наредните денови“, додаде тој во изјавата.

СЗО ќе координира една мета-анализа за зголемување на општото разбирање на оваа интервенција. Ќе бидат ажурирани клиничките упатства на СЗО за да се покаже како и кога лекот треба да се користи за лекување на ковид-19 – велат од здравствената организација.

Во истражувањето на тимот научници од Оксфорд на околу 2.000 пациенти во болница им добил даден лекот „дексаметазон“ и нивните резултати биле споредени со околу 4.000 пациенти кои не го примале лекот.

Пациентите на респиратори имале намален ризик од смрт од 40 на 28 проценти, додека пациентите со кислород имаат намален ризик од смрт од 25 на 20 проценти.

Лекарите, исто така, ќе ја истакнуваат и неговата цена, бидејќи третманот со овој лек за 10 дена чини околу пет фунти по пациент, или 35 за да се спаси живот, а притоа тој е достапен ширум светот.

МИА