Николовски: Ќе има разрешница на сите предмети на СЈО, ВМРО-ДПМНЕ ќе одговора пред законот

Сподели

 

На денешнот обраќање пред велешани, Љупчо Николовски, генералниот секретар на СДСМ и носител на листата во ИЕ 3, даде изјава во која тој ветува дека Законот за ЈО стапува на сила денес, но дека разрешница за сите предмети на СЈО ќе има и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе одговара пред законот.

 

“Вие сте горди луѓе, со право. Овој прекрасен град родил многу паметни луѓе, прогресивни, широкогледи… Токму затоа, вие многу добро знаете да процените и оцените некои работи.

Дали се чувствувате драги велешани, како граѓани со свиткан ‘рбет? Дали не сте веќе Македонци? Дали она што е ваше некој ви го зеде?

Или ‘рбетот ви беше свиткан во едно друго време. Време на нарачани инспекции, на правење списоци, на безобразно крадење бизниси, време на угнетување на работникот и имање на мизерни плати?

Време кое за жал, не е толку далечно. Беше пред само неколку години. За само две и пол години – не е ни цел мандат, го променивме тоа!

Членки сме на НАТО, државата ни е безбедна. Исполнет е вековниот сон на Македонците да имаат сигурна држава, никогаш претходно тоа не било случај.

Преговараме со ЕУ, ни се отвораат врати кои отсекогаш ни биле затворени и ќе го искористиме тоа. Зошто еден е животот, неповторливите шанси се за да ги искористиш, не да ги пропушташ.

Но, тоа не значи дека сме завршиле СЕ или дека не можеме повеќе. Може уште повеќе и уште подобро.

Причината за тоа е едноставна. Точно, имаме одлична програма со еден куп економски и политички мерки, но просто кажано причината е во тоа што се работи домаќински. Не се трошат неброени милиони на градби од стиропор и слични глупости. Пари во државата имало и ќе има. Работата е како ги трошиш. За кратко време луѓето видоа дека можело поинаку со граѓанските средства, а не само расипнички и без усул.

Затоа од мизерни 9.000 денари, минималната плата сега е 14.500 денари, а до крајот на следниот мандат ќе порасне до 20.000 денари. Затоа просечната плата во следниот мандат ќе расте до 34.000 денари. Затоа платежните картички ќе опфатат повеќе категории граѓани од сегашните, и затоа ќе го зголемиме повратот на ДДВ уште повеќе. Затоа ги укинуваме патните трошоци. Затоа и денот недела ќе го направиме неработен ден за секого! Ден за семејството.

Дете сум на работничко семејство, знам што е да заработуваш со пот. Знам дека на луѓето не им требаат брда и долини. Треба само да им овозможиш чесен старт и фер услови, да им овозможиш основни работи за прогрес. Останатото сами ќе го направат.

Изборот е уште полесен зошто на спротивната страна имате празна понуда. Екипата на Груевски во непроменет состав, мајсторите на фејк-њузот!

Луѓето кои со сета сила се противеа на законот за јавно обвинителство кој стапува на сила денеска. Нема веќе политичари да бираат обвинители. Почетокот на преговорите со ЕУ се должи и на оваа многу важна реформа. Секако, има и ред други бенефити, како на пример фактот што предметите од СЈО се спасени и почнуваат да добиваат разрешници.

Тоа ВМРО не го сакаат. Затоа се противеа на овој закон исто како што се противат и кога треба да се покачат платите на граѓаните, да се воведе поврат на ДДВ и се што е во насока на подобрување на животот на сите нас.

Тие се заинтересирани само за лажни вести, а на чело на таа нивна фејк-њуз фабрика стои човек добро издресиран и испраксиран од времето Грујово, Игор Јанушев.

Мене ми е многу жал за тоа, но сепак е факт и морам да го кажам. Од една страна сум јас кој во мојата политичка кариера немам ниту една дамка, а од другата страна е Јанушев кој е поврзан со десетици скандали и афери…

5 милиони евра штета на буџетот за двокатните автобуси во Скопје. 18,3 милиони евра во криминалниот проект за изградба на „Панорамското тркало“ каде голем дел беше тој. Знаете ли што се повеќе од 18 милиони евра?! За каква обнова зборуваме? Како не им е срам…

Обнова на времето кога ја раскрчмија цела држава и кога си поставуваа свои луѓе насекаде, исто како Јанушев кој цела негова фамилија ја вработи во времето на владеење на неговиот ментор, Груевски.

Немам ништо против ВМРО како партија, таму има и чесни луѓе, со образ. Но, за жал не доаѓаат до површината. На врвот таму беа и останаа послушниците на Груевски како Игор Јанушев. Е да простиш Јанушев или што би рекол Дурловски – “проштевајте”, но режимот на Груевски не го враќате назад!

Нема деспоти да не владеат повторно! Македонците ќе одат напред сложно и гордо, а не згрбавено како во вашите спотови. Згрбавени бевме тогаш, кога се однесувавте како шерифи со македонскиот народ!

Тргнати сме по нов пат, друга песна пееме. Слободно зборуваме, слободно дишеме. Државата ни е стабилна и безбедна и треба да ја јакнеме економски. Имаме план и можеме.

Видовте што направивме за две и пол години, дадете ни ја вашата доверба за чист мандат и уште поголеми успеси. Тие успеси се за сите. Ќе ги жнееме плодовите сите граѓани, сите партии, сите ние.

Не го враќајте времето кога одевме згрбавени, не заборавајте што носи тоа време со себе. Доста извезувавме Македонци, време е да извезуваме Македонски производи, а Македонците да останат дома!

Живееме многу поубава реалност од онаа пред две и пол години, да продолжиме така. Заедно, можеме!” – изјави Љупчо Николовски пред велешани.