Мендух Тачи лидерот на ДПА во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ денеска потенцираше дека неговата изјава за војна доколку нема албански партнер во новата власт е извртена и ставена во лош контекст, алудирајќи дека зборува за можните последици предизвикани од неговиот опонент Али Ахмети, кој не сакал да оди во опозиција.
„Барањето на Ахмети за премиер Албанец има директна закана, бидејќи тој е свесен дека ќе биде опозиција и последната алка му е национализмот и сака да ја направи тензијата голема. Бидејќи ако не биде тој во Влада, надевајќи се дека ќе биде прв кај Албанците, може да се случи сценариото од 2001. Мојата порака до граѓаните е граѓаните да не се вознемируваат, дека јас сум кандидат за заменик-премиер и ако седнам на тоа место, гарантирам дека Ахмети и ДУИ ќе го почитуваат гласот на граѓанинот и ќе бидат мирни како кокошки. Таквата реторика веќе е завршена, нема такви проекти….само за уплашени луѓе може да има такви изјави. Да не заборавиме, ние сме членка на НАТО. Сите зовриени глави на одредени радикални структури на Албанците, треба да знаат дека таквите сонови не постојат. Бидејќи кај Македонците нема можни фрустрации дека ние Албанците имаме резервни планови за Македонија. Завршена е таа приказна. Многу јаки гарантори има за нашиот идентитет, а тоа е НАТО“, порача Тачи.