ВМРО-НП предлага преку амандмани СЈО да стане дел од Уставот

Сподели

vmro_np

ВМРО-Народна партија предлага Собранието да донесе амандмани, што ќе станат дел од Уставот, а со кои ќе се потврди уставноста на Специјалната јавно обвинителство (СЈО), велат од партијата на поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски.

Оттаму бараат сите политички партии во Собранието едногласно да ја поддржат оваа иницијатива, како во случајот со донесувањето на Законот за СЈО, пракса која се применувала и во други држави и се покажала како многу успешна.

„ВМРО-Народна партија за надминување на овој проблем предлага, Собранието на РМ да донесе амандмани што ќе станат составен дел на Уставот на РМ, со кои ќе се потврди уставноста на СЈО и други пропратни институции. Без ова интервенција, сите правни дејствија ќе бидат прогласени за неуставни, затоа што во Уставот јасно стои дека Јавното обвинителство и судовите се единствени и со закон е забрането формирање на други“, стои во соопштението од ВМРО-НП.

Од партијата велат дека ги сметаат за неоправдани, непринципиелни и недолични ултимативните притисоци од „одредени кругови“ врз Уставниот суд за изјаснување околу уставноста на СЈО.

„Заради избрзаниот и недоволно подготвен Закон за специјално јавно обвинителство кој беше донесен од Собранието на РМ и неусогласеноста со Уставот на Р.Македонија, се создаде невидена конфузија и забуна во одредени стручни кругови од областа на правото. Во зависност од политичката определба, опозициска или позициска, толкувањата за уставноста на законот, се различни. Спротиставеноста на мислењата одат дотаму, што човек ќе помисли дека се работи за две држави, со сосема различни уставно правни поредоци, а не за Р.Македонија“, се наведува во соопштението.

Инаку, едно од клучните барања на „Шарената револуција“ и на опозициската СДСМ е Уставниот суд да ја стави на дневен ред иницијативата за уставноста на СЈО, која е доставена до судот пред осум месеци и да донесе одлука.

meta.mk