Малку порано од планираното, Кинотеката ги направи достапни онлајн сите досега издадени броеви на „Кинопис“ – списанието за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности.
Во тек е проектот за дигитализација, скенирање и прикачување на сите броеви на „Кинопис“, но и дека процесот е до некаде усложнет заради тоа што во изминативе 30 години колку што излегува списанието, технолошките услови за негова подготовка и печаење неколкупати се менуваа. Впрочем, како што брзо се менуваше технологијата насекаде во светот.
Во врска со оваа препрека, дизајнерот проф. Ладислав Цветковски кој графички-ликовно го уредува списанието повеќе од две децении, на својот Фејсбук профил ќе напише: „ Ми требаше месец дена интензивна работа да ги пронајдам и оживеам сите фајлови кои постоеа во мојата домашна архива. Лесно беше со броевите од последните 3-4 години, но ‘забавно’ беше со постарите, затоа што не беше едноставно да се вратат во функција фајловите од 1998 година. Ми се врати мојата лична „кинотека“ од сеќавања за едно ентузијастично време кога самите креиравме македонски фонтови, правописна и граматичка поддршка за софтверите кои денес веќе не се користат, за едно немирно време, за луѓе – соработници од кои некои не се веќе меѓу нас или многу одамна не сум ги видел, за фирми и технологија кои денес не постојат…“.
Исто така, Цветковски изрази жалење што некои од постарите броевите на „Кинопис“, чии дигитални фајлови се изработени во времето на „технолошки преод од фотослогот на НИП Нова Македонија кон Windows и Mac..“ е невозможно да се реконструираат. Тој ги донира електронските верзии на „Кинописот“ од бројот 20 па се до последниот, бр.55-56, за истите да бидат поставени на веб-страницата на Кинотеката. Броевите од 1 до 19 се скенирани и нивни pdf-верзии се исто така достапни на истата страница. КИНОПИС (kinoteka.mk
„Драго ми е што Кинотеката на Македонија се реши и овозможи ‘Кинопис’ да биде достапен онлајн. Се работи за списание од исклучителен значај за филмот и визуалените уметности, со текстови од нашите најзначајни автори, историчари, критичари и теоретичари“. Покрај „Кинопис“, Цветковски изработил и дизајнерски решенија за повеќе од 150 печатени изданија на Кинотеката, како плакати, филмски програми, брошури, каталози, други периодични изданија, книги и ДВД-ја.
„Кинопис“ излегува од 1989 година, а во него свои текстови за историјата теорија и култура на филмот објавувале домашни и странски автори, филмски критичари, есеисти како Г. Василевски, М. Чепинчиќ, Б. Иванов, И. Старделов, В. Љ. Ангелов, Б. Куноски, С. Синадинов, В. Димитровски, Р. Јанкулоски, А. Чупоски, Д. Рубен, Д. Трајковски, М. Ковачевски, В. Галевски, С. Милевска, Р. Алаѓозовски, Е. Шелева, Ж. Кујунџиски, Љ. Костовски, С. Тодоровска, Дејан Косановиќ, Марјан Цуцуи, Мато Кукуљица, Хрвое Турковиќ, Ранко Мунитиќ, Петар Карџилов, Анте Петерлиќ, Младен Буриќ, Мирон Черњенко, Рон Холовеј, Вјекослав Мајцен…