Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов им додели Признанија и награди на 48 наставници од шест средни училишта на Град Скопје за нивниот придонес и активно учество во унапредувањето на меѓуетничката интеграција во образованието преку редовна реализација на заеднички наставни часови со ученици кои учат на различни наставни јазици.
Во средните училишта на Град Скопје: „ Арсени Јовков“, „Здраво Цветковски“, „Браќа Миладиновци“, „Боро Петрушевски“, „Димитар Влахов“ и „Јосип Броз-Тито“ во текот на минатата учебна година, беа реализирани вкупно 1.398 заеднички часови, од кои 1.143 беа реализирани со физичко присуство, а 255 беа одржани онлајн (по прогласувањето на вонредната состојба во земјава поради пандемијата со КОВИД 19). Со заедничките часови беа опфатени 46 паралелки кои наставата ја следеа на македонски, албански и на турски наставен јазик.
Град Скопје за првпат ја иницираше реализацијата на заеднички часови по одредени наставни предмети во рамки на редовната настава со ученици кои учат на различни јазици во текот на учебната 2018/2019 година. Во овој проект најпрво се вклучија средните училишта на Град Скопје: „Здравко Цветковски“, „Боро Петрушевски“, „Арсени Јовков“ и „Браќа Миладиновци“. Во учебната 2019/2020 година заеднички часови започнаа да се реализираат и во СУГС„Димитар Влахов“ и СУГС„ Јосип Броз-Тито“. Оваа учебата година (2020/21), пак, заеднички онлајн часови ќе се реализираат и во СУГС „Владо Тасевски“, кое е единствено скопско училиште во кое учениците кои наставата ја следат на разичен наставен јазик учат во два различни објекти и немаат никава меѓусебна комуникација.
Во рамки на Програмата за активности на Град Скопје од областа на средното образование за 2020 година и со Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и граѓанска вклученост се предвидува поддршка на училиштата за реализација на активности за меѓуетничка интеграција.
Овој проект, кој е дел и од националниот проект за унапредување на меѓуетничката интеграција во образованието поддржан од Министерството за образование и наука, Македонскиот центар за граѓанско образование и ОБСЕ, ќе придонесе за подобрување на меѓуетничката кохезија меѓу младите, преку создавање услови за позитивна интеракција и градење граѓански и демократски вредности.