Нов роман на Луан Старова “ЈАНИЧАРИ “ од издавачкиот центар “ТРИ”

Сподели

 

Во издание на издавачкиот Центар “Три”, објавен е  романот Јаничари, дваесетата книга од големиот книжевен проект на писателот Луан Старова наречен Балканска сага.

Авторот, во овој најнов роман, третира една трајно актуелна проблематика, каква што е историското и универзалното јаничарство, потпирајќи се врз силна ерудиција и романескната драматургија што ја носат два централни ликови во романот низ постојан дијалог. Тие се понесени од идејата, вистински, толкувајќи го јаничарството во сите појавни облици во минато и сегашноста,  да придонесат за спасување на своите потомци, кои остануваат чувари на идентитетот на својот народ, чувари на човештвото.

Пишувајќи за Балканот, посебно преку романот Јаничари, авторот се придружува кон е веќе класичните автори кои што парцијално или целосно ја третирале проблематиката на јаничарството како Иво Андриќ  Никос Казанцакис, Антон Донче, Меша Селимовиќ и други.

Старова и досега во своите романи од балканската сага третирал различни аспекти на јаничарството, но овој пат во својот роман Јаничари целосно го третира феноменот на јаничарството, во неговите праоблици, но и во неговите современи деривации.

Идентитетот и неговите пошироки импликации е централното прашање во оваа книга, во која се посочува дека појавата на јаничарството може да се следи од длабоко во вековите – Римската Империја, Византија и потоа Османската Империја, како облик на жртвување на луѓето за одржување на власта. Во книгата се нижат сведоштва за фазата на “постјаничарството”, по неговата употреба во исчезнатите империи, во совремното човештво.

Приказната на авторот на ова дело оди во два правци : како воено и интелектуално јаничарство. Авторовата идеја, оди широко и далеку, колку што стигнува да опстои јаничарството и психологијата на јаничарење.

Психолошки сложената тема – јаничарството како удвоен идентитет, токму таков модел на идентитет кој психолошки и фактички, баш зашто е таков, произведува последици не само врз личноста на јаничарот, туку и последиците во средината, истакнува писателот во мошне упатниот поговор кон оваа книга.

Авторот по долгогодишно проучува на јаничарскиот феномен, во широк временски распон, низ дијалектичките и метафизичките аспекти, испишува според Димитар Башевски “една обемна импресивна книга, сугерирајќи дека јаничарството може да се смета за клуч за разбирање на балканските судбини.”

Веле Митаноски