Демократскиот сојуз го поддржува принципиелниот став на Чешка и Словачка

Сподели

 

Демократскиот сојуз искажува задоволство од искрениот и принципиелниот став на Чешка и Словачка, кои спречија ЕУ директно да се вмеша во историјата и да им овозможи Бугарија да ја редефинира и обликува истата според нивните потреби, користејќи го ветото и спречувајќи Македонија да продолжи по евроинтеграцискиот пат.

Македонија многу поодамна ги исполнува критериумите за започнување на пристапните преговори за полноправно членство во Европската Унија при што долго чекаше и чека пред вратите на ЕУ, заради наводно историски прашања, името на државата, јазикот, посебноста на народот и други прашања кои ги отворија соседните држави Грција и Бугарија.

Македонија освен што направи реформи во многу области, го смени Уставот, знамето и името на државата.

Затоа Демократскиот сојуз ја повикува Европската Унија да опстои на основните принципи, да ги почитува различностите и без било какви условувања да ги отвори вратите за членство на Македонија во ЕУ.

Ние со Бугарија, сакаме да имаме добри и развиени политички и економски односи, а за отворените прашања подготвени сме да разговараме  отворено, аргументирано и во пријателски дух.

Сме за отворени граници и слободно движење на капиталот, луѓето и идеите. Немаме никакви резерви и предрасуди, ние сме Македонци, зборуваме на наш автентичен Македонски јазик, тие се Бугари и зборуваат на Бугарски јазик, нашата држава е Македонија, а нивната Бугарија.

Треба сите да преземеме дел од одговорноста за демократскиот развој и просперитет на Балканот.

Непринципиелните заклучоци и блокади, можат да ја нарушат безбедноста и стабилноста на Балканот и пошироко, се наведува во денешното соопштение на Демократскиот сојуз.