“Обезбедивме првични 80 милиони денари за ревитализација на Преспанското Езеро. Заштитата на природно богатство е наш приоритет и наша обврска е да покажеме грижа, за Преспанското Езеро да го сочуваме за идните генерации”, изјави премиерот Заев при посетата на преспанскиот регион која ја искористи и за увид и прецизирање на спроведувањето на препораките и акцискиот план предложен од експертите за одржливо управување на Преспанското Езеро.
“Без разлика што сме соочени со факторите на кои не можеме да влијаеме, како што се климатските промени и актуелната временска ситуација, според препораките од студијата и акцискиот план со конкретни мерки и временски рамки, ревитализацијата на Преспанското Езеро ќе се организира во три фази”, додаде Заев.
“Првата фаза која опфаќа анализи, студии, препораки, средби на засегнатите страни, во голем дел е веќе спроведена. Во втората фаза предвидени се мерки за изградба на современи пречистувачи на сите отпадни води кои се влеваат во Преспанското Езеро. За втората и третата фаза клучна ќе е соработката со соседите, од кои ќе побараме да дадат нова динамика на проектот за комплетна заштита на Преспанското Езеро поддржан од Европската Унија.”
denesmagazin.mk