Македонската радио-телевизија (МРТ) на крајот од минатата година доби финансиски средства од Владата во висина од 90 милиони денари за програмски и техничко-технолошки развој, додека пак вработените од јавниот сервис добија К-15 за 2020 година.
Програмскиот совет на МРТ на седницата одржана пред новогодишната ноќ ги усвоил измените и дополнувањата на Финанскиот план на јавниот сервис за 2020 година, со која на приходната страна е додадена новата ставка од 90 милиони денари, кои ќе треба да се искористат за постигнување и одржување на поголем степен на програмски и техничко-технолошки развој на МРТ. Од јавниот сервис треба допрва да соопштат за кои намени ќе ги потрошат овие средства, а со најновите измени планираните приходи на МРТ за 2020 година се искачиле на 1 милијарда и 86 милиони денари.
Во делот на расходите, Програмскиот совет на МРТ на седницата одржана на 31 декември со усвојување на изменетиот Финансиски план за 2020 воведе нова ставка – Регрес за годишен одмор (К-15) во висина од 9,2 милиони денари како трошоци за вработените. Дополнителни средства од 600.000 денари се доделени и за јубилејни награди за вработени и пригодни подароци, а сите овие средства по двете основи се обезбедени од непотрошените средства во однос на склучените договори за копродукциски проекти до крајот на 2020 година.
Наместо предвидените 118 милиони денари, планираната ставка за копродукциски проекти на МРТ за 2020 година е намалена на 108,2 милиони денари.