Проекции на филмови за „Њу Ордер“ и Леонард Коен во Кинотека

Сподели

 

 
На 19 февруари во Кинотека на Македонија ќе бидат прикажани два музички документарни филмови „Њу Ордер – Декади“ и „Мериен и Леонард Коен: Зборови за љубовта“ во рамките на настанот „Загревање“ на „Скопје Синема Сити“.
 
„Загревање“ е полугодишен настан каде се прикажува избор на филмови од претходното издание на фестивалот „Скопје Синема Сити“.
 
Минатата година бенд во фокус беа манчестерскиот бенд „Њу Ордер“ на кои фестивалот им врачи награда за достигнувања во музиката и филмот и фестивалот го отвори настанот со филмот на Мајк Кристи „Њу Ордер: Декади.“
 
Филмот е приказ на нивниот проект во соработка со Манчестерскиот интернационален фестивал каде се случуваат невообичаени уметнички инсталации и проекти. Тој е истовремено и полуконцертен и полудокументарен филм за оваа соработка и серија настапи по европските градови.
 
Истата вечер ќе биде прикажан филмот „Мериен и Леонард Коен: Зборови за љубовта“ за Леонард Коен и неговата муза Мериен Илен која инспирирала многу од неговите песни. Филмот ја прикажува нивната бурна врска и животни патишта од почетокот на островот Хидра па се до нивниот крај.
 
Проекциите на филмовите започнуваат во 18 и 20 часот, а како налагаат прописите, бројот на посетители ќе биде ограничен. Настанот е организиран во согласност со пропишаните заштитни мерки против ковид-19.