Министерството за животна средина и просторно планирање спроведе широк процес на јавна консултација по Нацрт‐законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, во времетраење од четири месеци.
По завршените консултации и анализата на пристигнатите мислења и коментари од јавноста се пристапи кон ревидирање на Студијата за валоризација на природните вредности и Социоекономската студија од страна на експертскиот тим, со дополнителен ангажман на експерти од Меѓународната унија за конзервација на природата (IUCN), ангажирани од Канцеларијата на Обединети Нации за животна средина во соработка со МЖСПП. Беа одржани дополнителни средби со клучните засегнати страни и локалното население за усогласување на различните забелешки и барања по што беше доставен Анекс на Студијата за валоризација со ажуриран предлог за зонирање на идниот национален парк кој е достапен на следниот линк: https://bit.ly/3qWVofw.
Дополнително беа организирани и теренски посети, прибирање на податоци и стручни консултации при што како резултат произлегоа:
- Ревизија на Студијата за валоризација и предложеното зонирање на НП Шар Планина,
- Компаративна анализа и усогласување со соседните национални паркови (Република Северна Македонија и Косово), како и меѓународна пракса (Австрија, Германија и Словенија),
- Анализа на релевантните членови на Законот за заштита на природата и другата релевантна легислатива,
- Анализа и ажурирање на релевантните членови во Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк.
Финалниот предлог за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк е преточен во Предлог на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје, во категоријата II – Национален парк и е достапен на следниот линк: https://bit.ly/2P1KB5q.