Денеска во Република Северна Македонија пристигна првата пратка вакцини против Ковид 19, кои нашата земја ги обезбеди преку Ковакс механизмот. Првата испорака е од прозиводителот Астра Зенека, а испорачани се 24.000 дози вакцини, кои ќе бидат наменети за граѓаните над 75 годишна возраст. Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во присуство на претставници на дипломатскиот кор во земјата, амбасадорите на САД, Германија, Обединетото Кралство, Франција, делегацијата на ЕУ,СЗО, УНИЦЕФ и ООН, на меѓународниот аеродром во Скопје ја пречакаа правата партка вакцини од Ковакс.
-Ковакс системот се разви летото минатата година, а во развивањето на овој систем инвестираа и учествуваа многу земји во светот, СЗО, Глобалната Алијанса за имунизација со цел да има еднаква и правична распределба на вакцините насекаде во светот. Сакам да се заблагодарам на сите земји во светот коишто го поддржаа овој систем, посебно на претставниците на нашите пријателските земји кои денеска се тука со нас, САД, Германија, Велика Британија, Франција, понатаму на претставниците на СЗО, УНИЦЕФ со чија помош го организиравме и целокупниот систем за транспорт, за прием и понатаму за користење на овие вакцини, врз основа на искуствата на сите земји каде тие вакцини се користат. Сега ние сме посветени системот на имунизација да се спроведе брзо и ефикасно. Имаме најави и за пристигнување на други вакцини во текот на овој месец. Очекувањата во делот на времето не се исполнија и сето ова доаѓа со неколку недели закаснување, меѓутоа имајќи предвид дека е огромна побарувачката на вакцини насекаде во светот, имајќи предвид дека сите земји се буквално соочени со овој предизвик, добро е што системот покажа дека функционира така како што е замислен и добро е што имаме сигнали дека ќе продолжи да функционира, за ние во следните месеци да знаеме точно колку вакцини можат да стигнат преку Ковакс системот за процесот на имунизација да се одвива во континуитет – рече Филипче.
Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз истакна дека брзото ширење на вирусот Ковид 19 покажа дека ниту една нација не може да делува сама кога се во прашање големи предизвици, таа посочи дека сите земји треба да имаат пристап до вакцината против вирусот Ковид 19.
-Ќе се соочиме и ќе ја пребродиме оваа пандемија доколку делуваме заедно како партнери – рече Кејт Мари Брнз амбасадорка на САД.
Германија како коосновач на платформата за снабдување на вакцини против корона вирусот е и најголем донатор, истакна германската амбасадорка Анке Холштајн, изрази задоволство за првите дози вакцини кои пристигнаа денеска, иако како што рече ова требаше да се случи три месеци порано.
– Вакцините се бесплатни за државите приматели, секое петто евро за тоа доаѓа од Германија, секое трето евро од ЕУ. Ова го правиме, бидејќи ние сме безбедни дури тогаш кога сите други се безбедни – рече амбасадорката Анке Холштајн.
Британската амбасадорка Рејчел Галовеј изјави дека Велика Британија, како еден од првите донатори во Ковакс досега oбезбеди 548 милиони фунти за овој механизам и 1,3 милијарди фунти помош за ставање крај на пандемијата.
– Никој од нас не е безбеден се додека сите не сме безбедни – рече амбасадорката Галовеј.
Амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, посочи дека денешната испорака на вакцини преку Ковакс е само почеток и дека преку овој механизам ќе стигнат уште вакцини.
-Ова е прекрасна вест за граѓаните и за медицинскиот персонал, ова е прекрасна вест и за целокупната здравствена состојба. Ова е одлична вест и на политички план, бидејќи истата е конкретен одраз на меѓународната солидарност, како и на европската солидарност – рече амбасадорот Бомгартнер.
Раководителот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини, истакна дека денеска е среќен ден, бидејќи пристигнаа првите вакцини преку Ковакс маханизмот.
-Тимот Европа донираше 2,2 милијарди евра во Ковакс механзимот, вакцините се светло на крајот од тунелот на пандемијата – истакна Бертолини.
Претставничката на СЗО во нашата земја, д-р Џихан Тавила, му се заблагодари на министерот за здравство д-р Венко Филипче и на неговиот тимот кои како што рече работеа напорно за да ги добијат вакцините.
– Тоа е комплицирана работа не е лесно треба да се работи на регулатива, на логистика … Вакцините се рефлексија на солидарост во борба против вирусот – истакна д-р Тавила.
Патриција Диџовани, претставничката на УНИЦЕФ, посочи дека вакцините против Ковид 19 нудат надеж.
-Пандемијата на Ковид 19 сериозно влијае врз животот на децата и младите, а имунизацијата ќе биде важен чекор кон закрепнување, вклучително и кон безбеден и целосен пристап до виталните услуги – рече Диџовани.
Постојаниот координатор на ООН во РСМ, Росана Дуџак ги повика граѓаните да се вакцинираат, нагалсувајќи ја важноста на вакцината против Ковид 19
-Вакцината не е доволна за заштита од Ковид 19 мора да продолжиме да одржуваме физичка дистанца, да носиме маски и да одржуваме хигиена – порача Дуџак.