МВР: Полицаецот кој посегнал по македонското знаме сакал го тргне од штитот – не да го оштети

Сподели

13495333_989092554542547_9178782389378399525_n-500x333

Во текот на вчерашните протести на Шарената револуција дојде до инцидент на мостот „Гоце Делчев“ во Скопје, меѓу демонстрантите и припадниците на специјалната полиција. Еден од специјалците се обиде да го одземе македонското знаме од демонстрантите, при што знамето бешe искинато, што дополнително ги разгоре страстите. Демонстрантите беа гневни и ги обвинија полицајците дека не го почитуваат националното знаме со тоа што го кинат.

Во членот 8 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија, стои:

„Грбот и знамето на Република Македонија, како и грбовите и знамињата на други држави и меѓународни организации кои се употребуваат во Република Македонија, согласно со одредбите на овој закон, не смеат намерно да се кинат, палат, газат или на друг начин да се скрнават или изложуваат на презир или исмејување“.

Од Министерството за внатрешни работи сметаат дека полицискиот службеник постапил во рамки на својата должност и дека знамето не го искинал намерно, туку сакал да го тргне од штитот на својот колега.

„Како што може да се забележи од видеото што е објавено во неколку медиуми, македонското знаме од страна на лице кое учествува на протестите било поставено на штитот на полицискиот службеник кој извршувал службено дејство, притоа попречувајќи му го видното поле за да не може да си ја врши нормално работната задача. Целта на другиот полициски службеник кој посегнал по знамето е едноставно, за да го тргне од штитот, а не да го оштети. Доколку некој смета дека во овој или во друг случај, полициските службеници несоодветно постапиле може слободно да ги пријават во Внатрешна контрола на МВР“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Наталија Спирова Кордиќ, началник на Секторот за односи со јавност и протокол.

Дехран Муратов

civil.org.mk