По повод Светскиот ден на здравството – 7 април, апла.мк оддава почит на сите здравствени работници кои се на првата борбена линија во ова тешко време на пандемија, кога и Битола се соочува со големи предизвици.
Овој текст го посветуваме на двајца лекари кои се меѓу основоположниците на битолското здравство, но, за жал, непознати или малку познати за битолчани. Иако не се од Битола, сепак др. Димитар Јосифов Несторов и др Трифун Грековски, несебично се вложиле и го дале својот придонес за битолското здравство, па Несторов меѓу битолчани бил познат како „народен доктор“, а негова последна желба била вечното почивалиште да му биде во Битола. Во оваа пригода објавуваме куси биографии на двајцата доктори, Димитар Несторов и Трифун Грековски.
Димитар Несторов, македонски лекар, револуционер, учител и општественик, роден е на 10 јуни 1890 година во Струга, во семејството на Јосиф и Наумка. Со основно образование се стекнува во Струга (1902), а класична гимназија завршува во Битола, во 1909 година. По завршувањето на средното училиште работи една година како учител во родното место, а потоа заминува во Швајцарија за да студира на Медицинскиот факултет. Меѓутоа, по избувнувањето Првата балканска војна, тој се враќа во земјата и од октомври 1912 до октомври 1913 година учествува во балканските војни како доброволец на Македонско-одринското ополчение. Се стекнува со орден „За воени заслуги од IV степен“. По балканските војни се враќа во Женева, каде дипломира на Медицинскиот факултет во 1921 година, по што се враќа во Струга. Тој работи како воен лекар во Битола, од септември 1921 до ноември 1922 година, а од јануари 1923 до јуни 1932 година живее и врши приватна лекарска пракса во Битола. Многу бргу, поради својот однос кон граѓаните станува познат и најчесто бил нарекуван „народен доктор“.
Во овој период маларијата и други заразни болести земааат замав во Битола и Битолско. Во 1932 година д-р Несторов бил назначен за општински лекар на Битола, односно за началник на санитарното одделение на битолската општина. Во 1934 година бил поставен и за раководител на кожно-венеричниот диспанзер во градот, по што тој и неколку негови млади колеги превземаат мерки за искоренување на заразата.
Во текот на Втората Светска Војна, за време на окупацијата, од ноември 1941 до октомври 1944 година, д-р Несторов работи како началник на Областната хигиенска лабораторија. Меѓутоа, како прогресивен народен лекар тој активно се вклучува во општонародното движење. Во 1941 година, со залагање на Стив Наумов, д-р Несторов бил избран за претседател на читалиштето, а д-р Трифун Пановски за потпретседател, по што читалиштето станува центар на ширењето на прогресивните патриотски и револуционерни идеи. Заедно со д-р Трифун Пановски, д-р Дума, д-р В. Попадиќ и неговата сопруга Мирјам, собираат санитетски материјал и друг вид помош за формираните партизанските одреди.
Во 1943 година, во домот на д-р Несторов бил основан и првиот Народноослободителен одбор, а тој подоцна бил поставен за потпреседател. Но, неговата политичка активност не можела да остане незабележана од окупаторите. Набргу бил уапсен и интерниран на издржување на едногодишна казна во логорот Чучулигово, Бугарија. По издржувањето на казната, се враќа во Битола каде продолжува да работи како лекар, но и останува активен во НОД.
Во октомври 1944 година, д-р Несторов бил избран за член на АСНОМ и од ноември 1944 до април 1945 година е раководител на Обласниот здравствен оддел (Битолскиот округccc). Набрзо потоа завзема високи позиции во НР Македонија и ФНР Југославија. На 30 декември истата година станува член на Презиудиумот на АСНОМ, а од 25 април 1945 до 17 април 1946 година бил потпретседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија. Во 1946 година бил испратен во Белград како министер без портофел и се` до 1948 година работи како сојузен министер за здравство. Во текот својот мандат ја презема иницијативата и ја потпишува одлуката за основање на Медицински факултет во Скопје. По оставката на Методија Андонов – Ченто на 15 март 1946 година, до 30 декември истата година, д-р Насторов ја врши функцијата в.д. претседател на АСНОМ и функцијата сојузен министер за здравство.
На 30 декември 1947 година, д-р Димитар Несторов бил избран за претседател на Народното собрание на Народна Република Македонија и со него раководи успешно до 3 јануари 1951 година. Во текот на својот живот, тој меѓу другото бил и претседател на Комитетот за народно здравје и социјална политика на Југославија (31. XII. 1947 – 3. I. 1951), пратеник во Собранието на НРМ и на ФНРЈ, а извршувал и други функции.
Тој неколку месеци работи како началник во Министерството за здравство, а потоа бил испратен за управник на болницата во Битола и повереник за народно здравје на Битолската околија. Тука работи од 1 август 1951 до 31 јули 1952 година, а потоа во Демир Хисар каде работи како активен лекар до 15 септември 1954 година. Последните години, се` до пензионирањето на 1 април 1964 година, д-р Несторов работи како управник на Здравствениот дом во Битола и дерматовенеролог.
Д-р Димитар Несторов починал на почетокот на февруари 1968 година во Ниш, додека престојувал кај неговата ќерка. По негова желба погребан е во Битола на 7 февруари 1968 г.
Во 1945 година Претседателството на АВНОЈ го одликува д-р Димитар Несторов со Орден за заслуги од втор ред, а во 1961 година е одликуван со Орден на труд со златен венец
Трифун Костадинов Грековски (Греков), е македонски лекар, револуционер, публицист. Роден на 1 август 1893 година во Ениџе Вардар, Егејскиот дел на Македонија, во имотна земјоделска фамилија. Основното образование го завршил во своето родно мссто, а средно образование продолжил во Солунската егзархиска гимназија. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Женева (1920), каде работел како лекар до 1924 година и бил активен член на Македонското студентско друштво и еден од оние македонски интелектуалци во емиграција кој силно се застапувал за автономија на Македонија пред европската јавност, пред Версајската конференција и пред Друштвото на народите
Во 1924 г. се вратил во Гевгелија и до 1936 г. бил единствен лекар во градот.
Пред Втората Светска Војна бил воен лекар во Битола, а потоа во Куманово. Во 1944 година формирал партизанска болница во манастирот „Св. Прохор Пчински“.
Во 1945 година бил испратен во Битола да ја организира здравствената служба, од каде што во 1951 година бил назначен за лекар во Велес. Од 1954 година па се` до пензионирањето во 1962 година работел во Гевгелија.
Д-р Трифун Греков како пензионер живее во Гевгелија се` до својата смрт на 9 јуни 1973 година.