Хелсиншки бара да престане манипулацијата на децата за политички цели

Сподели

 

 

 

“Најавената дигитализација на образованието, како дел од реформите кои треба да го модернизираат образовниот систем согласно современите светски текови, предизвикува бројни реакции во јавноста, но очигледна е и инструментализацијата на ова прашање во политички цели”, реагираат од Хелсиншкиот комитет.

“Притоа, децата се подложени на бројни манипулации, лажни вести и дезинформации, кои дополнително ја усложнуваат и онака сериозната состојба која ја наметна пандемијата со КОВИД-19 во однос на нивната едукација и секојдневното функционирање. Денешниот бојкот на наставата на средношколците очигледно е дел од таквите злоупотреби, што е потврдено и од страна на Сојузот на средношколци, кој посочува дека ова здружение не е организатор на бојкотот, туку тоа се одредени групи кои манипулираат со јавноста.

Со загриженост констатираме дека во континуитет се случуваат активности, кои не само што не се во најдобар интерес на детето, туку  претставуваат злоупотреба на децата поради политичко дејствување – нешто што е забрането со Законот за заштита на децата[1] , Конвенцијата на ООН за правата на детето и Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба. Токму затоа, ги повикуваме сите релевантни фактори во државата да ги изземат децата од своите политички активности, да преземат мерки за нивно точно и навремено информирање и на прво место да го стават интересот и добробитта на детето”, додаваат од Хелсиншкиот комитет.