„Прецизно ќе ги уредиме договорите на определено време, со што ќе обезбедиме сигурност за работниците, ќе уредиме колку време и под кои услови тие треба да преминат во договори на неопределено време, ќе ја регулираме сезонската работа, особено правата на работниците во периодот кога не се сезонски ангажирани, изјави министерката Шахпаска, во синоќешната емисија „Економски магазин“, за Алсат ТВ.
“Ќе обезбедиме модерно и ефикасно решение за породилното отсуство, во делот на мајчинството и родителството, во кое и таткото ќе има право за отсуство од работа. Породилното отсуство ќе биде подолго од сега предвидените девет месеци“, порача министерката Шахпаска и додаде дека притоа мора да се имаат предвид и потребите на пазарот на трудот и на стопанствениците.
Таа се осврна и на законското решение недела – ден на неделен одмор, кое наскоро ќе влезе во собраниска процедура и кое обезбедува поголемиот дел од работниците во недела да бидат со семејствата.
„За вработените во дејностите што се неопходни за функционирање на општеството обезбедуваме повисока дневница за 50 проценти, но и слободен ден во текот на неделата, Додека за вработените во трговските центри, кои ќе работат во една смена, се обезбедува за 100 проценти повисока дневница и слободен ден, додека два проценти од годишниот промет правните субјекти од овие трговски центри ќе бидат обврзани да ги уплаќаат во државниот буџет. Тие пари ќе се инвестираат за нови градинки“, нагласи Шахпаска.