Новата бугарска влада нема да го тргне ветото за С. Македонија во ЕУ

Сподели

 

Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев денеска ја презеде функцијата од досегашната шефица на дипломатијата, Екатерина Захариева.

Уште за време на првиот јавен настап, на денешната прес-конференција тој повтори дека нема да има промена на бугарската позиција кон Северна Македонија.

„Рамковната позиција со Република Северна Македонија е усвоена со консензус на сите политички сили во бугарскиот парламент, техничката влада не може да ја промени, но што и да зависи од техничкиот кабинет, ќе се направи за да се продолжи дијалогот со земјата. Сè е во рацете на официјалните претставници на Северна Македонија, тие се свесни каква е бугарската позиција и не треба да се шпекулира дека ќе има промена за време на техничката влада“, изјави министерот Стоев, пренесува бугарски Њуз.бг.

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера ја назначи техничката влада, која што ќе управува со Бугарија во периодот до одржувањето на новите предвремени парламентарни избори во земјата на 11 јули. За премиер на техничката влада го назначи генералот Стефан Јанев.

Инаку, техничкиот министер за надворешни работи Светлан Стоев е дипломат од кариера, кој целиот работен век го поминал во дипломатијата и бугарското МНР. Бил амбасадор и во Германија и Шведска, а од 2016 година е директор на дирекцијата „Државен протокол“ при МНР на Бугарија.