Во првите шест месеци од пандемијата на ковид-19, голем број жени во државата се соочија со губење на работното место, пад на месечните приходи, зависност од државна помош и отежнат пристап до здравствени услуги. Пандемијата двојно го зголеми бројот на жени зависни од државна помош, а бројот на домаќинства кои гладуваат пораснал од три, на седум отсто, покажува истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ. Просечната плата на жените во периодот јануари – август 2020 година е намалена за 338 денари, а кај 8 отсто од жените падот надминува 8.000 денари.
Од ЕСЕ велат дека е семејствата кои не користеле помош пред пандемијата, но потоа имале државна поддршка, биле поизложени на гладување во август 2020, во споредба со јануари, што укажува дека износот на помошта од државата, не бил доволен за да ги задоволат своите основни потреби.
Исто така, исражувањето покажува дека пандемијата го отежна пристапот до услуги во јавното здравство. „Секоја трета жена која имала потреба од здравствена заштита, неповрзана со ковид-19, не добила услуги во ЈЗУ. Од нив, 63 отсто не можеле да стигнат до преглед кај специјалист, а 12 отсто биле оневозможени да направат хируршка интервенција. Како последица на тоа, на 20 отсто од овие жени им се влошила здравствената состојба“, стои во истражувањето и се додава дека поради тоа, 41 отсто од овие жени платиле на приватни здравствени услуги, со што се изложиле на дополнителни трошоци.
Истражувањето дава посебен осврт на жените од ромската заедница. Месечните приходи на Ромките во првите шест месеци од пандемијата, во просек се намалиле за 1.637 денари, што е за пет пати повеќе од националниот просек. Секоја трета Ромка користела државна помош, а за четири пати се зголемил бројот на оние кои не можеле да се прехранат. Во однос на здравствената заштита, главен проблем со кој се соочиле Ромките, кои имале здравствен проблем, неповрзан со ковид-19, била неможноста да добијат преглед од матичен лекар. Дури 73 отсто од нив се од Шуто Оризари, поради недостигот на матични лекари во општината, стои во истражувањето.
мета.мк