Министерството за животна средина и просторно плaнирање ги промовираше Национални Црвени листи за габи и за пет селектирани видови на цицачи и Каталогот на типови живеалишта од европско значење
– Националните Црвени листи за габи и за пет селектирани видови на цицачи (рис, мечка, видра, волк и шакал), како и Каталогот на живеалишта од европско значење се важна алатка за мониторинг на биолошката разновидност и идентификацијата на приоритетните видови и подрачја за креирање на политика за заштита и зачувување на природата – истакна заменик министерката Оџаклиеска изразувајќи благодарност до Европската банка за обнова и развој и IUCN Канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (ECARO), научните институции и национални експерти за пружената поддршка.
– Националните црвени листи се од суштинско значење за информирање на носителите на одлуки и за развивање на здрави политики и активности за зачувувањеи заштита на природата, рече директорот на Регионалната канцеларија за Источна Европа и Централна Азија на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN ECARO), Борис Ерг, на вчерашното претставување на Црвените листи за цицачи и габи од Северна Македонија.
Според него, Црвените листи ни помагаат да преземеме активности за намалување на стапката на загуба на биолошката разновидност, на која секојдневно сме сведоци.
Изработката на Националните Црвена Листи за габи и пет селектирани видови на цицачи, како и Каталогот на типови живеалишта од европско значење, заедно со претходно изготвената Национална Црвена листа за херпетофауна (водоземци и влекачи) и одредениот конзерваторски стаус за 14 васкуларни растенија од национално и европско значење, претставува значаен придонес во напорите на МЖСПП во зголемувањето на ефикасноста на заштитата и управувањето со компонентите на биодиверзитетот на национално ниво. Националните Црвени листи, по нивното донесување, ќе имаат апликативна функција во секојдневната работа на Секторот за природа во Управата за животна средина во рамките на спроведувањето на управните постапки за заштита, зачувување и одржливо опоравување со биодиверзитетот.
Овие документи се изготвени во рамките на проектот: „Програма за градење на капацитети за биодиверзитет: Промовирање на добри меѓународни практики во Македонија“, кој е финансиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
По нивното донесување ќе имаат апликативна функција во секојдневната работа на Секторот за природа во Управата за животна средина во рамки на спроведувањето на управните постапки за заштита, зачувување и одржливо управување со биолошката разновидност.