Филипче: Во јуни треба да пристигнат 190.000 вакцини Фајзер и 500.000 Синовак

Сподели

 

Министерот за здравство, Венко Филипче во вчерашното гостување на ТВ Телма изјави дека во текот на јуни треба да пристигнат околу 110 илјади Фајзер вакцини преку Ковакс системот и околу 80 илјади преку нашиот директен договор. Во овој момент се пријавени 180 илјади граѓани кои чекаат да добијат термин, а 40 илјади се над 60 години, информира министерот за здравство, Венко Филипче.

Она што се очекува, според последните најави, е од вакцината „Синовак“ која што денеска ја одобри Светската здравствена организација, во нашата земја да стигнат 500 илјади дози.

На прашањето дали стравува од можноста населението да не сака да се вакцинира со оваа вакцина поради фактот што последна беше признаена од СЗО, истакна дека граѓаните треба да имаат доверба.

– Исто како што сите вакцини ги аплициравме до сега, треба целта да се постигне, колективен имунитет врз основа на ефикасноста на секоја вакцина поединечно, да се измери ефективноста на целокупниот процес, е нешто што ќе ја смени сликата за епидемијата. Така што, апсолутно граѓаните треба да бидат спокојни, сите вакцини се безбедни и се доволно ефикасни, кажа Филипче.

Во однос на зелените ковид пасоши истакна дека е при крај изготвувањето и објасни дека се доцни неколку денови поради технички предизвици кои произлегле од комуникацијата со лабораториите.