Џафери на средба со новоименуваната амбасадорка на Србија, Невена Јовановиќ

Сподели

 

Денес Претседателот на Собранието на РС Македонија, Талат Џафери оствари работна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Србија во Република Северна Македонија, Н.Е. Невена Јовановиќ.

 

 

Претседателот Џафери, посакувајќи и успешен амбасадорски мандат и пријатен престој во нашата држава, ја запозна амбасадорката со тековните активности на Собранието, активностите на планот на интеграцијата на земјата, очекувањата од Советот на ЕУ за отворање на преговори и можностите за конструктивна и конкретна регионална соработка. Тој ја потенцираше важноста од меѓусебната билатерална соработка и продолжување на истата на највисоко ниво, како и на ниво на Пратеничките групи за соработка, штом тоа го дозволат здравствените услови. Со задоволство се заблагодари на хуманиот гест на солидарност на Република Србија во процесот на имунизацијата против Ковид-19 на нашите граѓани, на што и ние возвративме со соодветен гест односно, ослободување од плаќање патарина во летниот период за српските туристи кои транзитираат низ земјава.

Осврнувајќи се на значењето на стабилен и мирен регион на Западен Балкан, Претседателот Џафери истакна дека Република Северна Македонија ќе го поддржи секое взаемно прифатливо решение во дијалогот Белград – Приштина, во насока на задржување на позитивната добрососедска политика и градење на силен и просперитетен регион, целосно интегриран во ЕУ.

 

 

Амбасадорката Јовановиќ ја пренесе поддршката на највисокото српско државно раководство на евро-интеграцискиот процес на Република Северна Македонија, при што подвлече дека, секое одлагање на почетокот на преговори и непотребното вмешување на билатералните спорови, само го намалува кредибилитетот на Унијата, го менува јавното мислење и ја намалува широката граѓанска поддршка. Г-ѓа Јовановиќ истакна дека особено ја радува богатата меѓупарламентарна соработка која и понатаму искрено ќе ја поддржува и продлабочува, а ќе работи и на планот на јакнење на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и проширувањето на меѓуграничната соработка.

Соговорниците ја реафирмираа важноста од континуиран политички дијалог во насока на јакнење на севкупната билатерална соработка меѓу двете држави, ја истакнаа поддршката на проектот “Мини Шенген”, кој покажува дека и овие држави од Западен Балкан можат сами многу да направат, секогаш кога се во прашање интересите на граѓаните. Беа искажани заложби за особено унапредување на меѓупарламентарната соработка и споделување на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија.