Единицата за брзо распоредување вчера ги затвори сите приоди кон Министерството за финасии за да ги спречи демонстрантите од „Шарена револуција“ да стигнат пред објектот, револтирани од новото задолжување. Сепак, кога се мислеше дека протестот заврши, една група граѓани се пробија покрај полицијата и успеаја да стигнат до зградата врз која фрлија и боја.
Демонстрантите прво се обидоа да дојдат до Министерството преку улицата Македонија, но наидоа на кордон од полиција кој со една борбена кола и со воден топ ја блокираше улицата.
Оттука групата влезе во паркот помеѓу зградите, каде повторно наиде на силна полициска блокада во еден од премините кој води директно до Министерството за финансии.
Тука неколкупати дојде до туркање меѓу полицијата и демонстрантите кои извикуваа: „Полициска држава“, „Нема правда нема мир“, „Убијци“ и „Срамота“.
Откако не успаеја да го пробијат кордонот, граѓаните, преку процепот меѓу блокот згради, со чатали се обидоа да дофрлат со боја до зградата на Министерството.
Протестот почна пред Специјалното јавно обвинителство во 19 часот, под мотото „1.1 милијарда причини за крај“ и заврши мирно пред Министерството за финансии.
meta.mk