Ретроспективна изложба на слики, објекти, инсталации, видео арт и експериментални филмови на македонската уметница Тања Балаќ по повод 30 години творештво ќе биде отворена во 20 часот на 31 август, 2021 година, во Национална галерија на Македонија, објект „Чифте амам“.
На отворањето ќе биде промовирана и монографија со наслов „Tanja Balac – 30 Years – ArtWorks“ со текстови на историчарите на уметност и ликовни критичари, Кирил Пенушлиски и Натали Р. Павлеска.
Во текстот од монографијата посветен на сликарството на Балаќ стои дека и покрај тоа што нејзините слики делуваат како да се направени во еден здив, во едно застанување пред штафелајот, „изразните средства на бојата и ритамот на широки потези на четката“ се резултат на свесен процес што на крајот резултира со пастуозно сликана површина. Ова дополнително ја потврдува импресијата што ја добиваме кога за првпат ќе застанеме пред сликите на Балаќ. Тоа се дела на сликар; на сликар во вистинската, класична смисла на зборот. Нејзините платна имаат темпераментни потези и желба за создавање сликарски површини во кои големиот, критичниот момент што ја води Балаќ напред кон истражување нови сликарски проблеми е оној исконскиот, стариот порив на традиционалните мајстори на четката: да се слика. Таа желба да се слика, да се твори, како и бурниот ликовен израз, се сеприсутни во нејзиниот опус и не зависат од медиумот или од техниката во кои што работи. И покрај сите промени, циклуси и техники во кои работи, Балаќ ја започнува својата кариера како, а и останува, пред сѐ, сликар. Длабоко ориентирана кон сопствениот свет, таа е непоколебливо фокусирана врз својата уникатна визија за, и на, својот внатрешен свет. Всушност Тања Балаќ им припаѓа на оние ретки уметници кои не само што поседуваат свое гледање, едно само за неа својствено толкување на светот, туку и уметнички јазик што се развива без застој, јасно следејќи ја само сопствената линија, сопствениот пат.
(К. Пенушлиски)
(К. Пенушлиски)
Кон крајот на првата деценија на дваесет и првиот век, Балаќ, покрај сликарството, пастелите и колажот, сè повеќе се интересира и за видеоуметноста. Нејзините дела остварени во тој медиум често се коментар на она што се случува во светот. „Раѓањето на нацијата“ од 2016 година директно може да се поврзе со промените во Македонија и обидите за насилно, визуелно менување на културниот идентитет на градот Скопје, а со тоа и на македонската нација. Видеата „Perceptio Inversa“ и „Stuck Together“ може да се поврзат со големата бегалска криза.
Во својот текст, Натали Р. Павлеска истакнува: „Ангажираната уметност на авторката Тања Балаќ е еден од ретките примери кои овозможуваат активна вклученост на восприемателот, на чија страна е позициониран и самиот автор, исчитувајќи го сопственото дело одново, во постојните, но и во нови значенски контексти. На моменти езотеричен и опскурен, понекогаш потполно соголен и експлицитен, поетскиот израз на Балаќ, покажува несомнено плодна продуктивност и разновидност, релевантен во поширокиот културален дискурс на овие простори. Антрополошката и социолошката димензија на нејзините дела аргументирано ги допира прашањата за односите помеѓу индивидуите и колективитетите, етички разобличувајќи ги прашањата за нееднаквоста, вечната (не)припадност, глобалните политички и империјалистички императиви на големите централизирани дискурси на моќ, преиспитувајќи го општествениот контекст, опсервиран локално и пошироко. Зачетокот на уметничките експерименти во сликарството на Балаќ, се раѓа заедно со идејата за одминување на доминантниот постмодернизам на овие простори, како период на долготраен процес на посветено и активно истражување на изразните потенцијали, а концептот за проширување на сликарскиот медиум произлегува од потребата за поместување на границите на формалното, материјализираното, и мисловното. Импулсот за излегување (надвор) од просторот на сликата, се чувствува и преку внатрешно-медиумските дијалози, често како чин на интермедијални интервенции, помеѓу текст и слика или како гест на иконична суперимпозиција, но и како чин на себе-преиспитување, на сопствените втемелени идеи и заокружени иконографски симболи.“