Стево Пендаровски: Нека ни е честит денот на Армијата!

Сподели

 

Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска присуствуваше и се обрати на централната свеченост по повод одбележувањето на 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија.

 

 

Претседателот Пендаровски со Орден за воени заслуги ja одликуваше Армијата на Република Северна Македонија за професионалноста и за посветеноста на нејзините припадници, учесници во Меѓународните безбедносни сили за помош (ИСАФ) и во мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан.

 

 

„Ужасните слики кои доаѓаат од таа земја последниве денови не беа можни додека нашите војници заедно со 130.000 мировници од 50 држави од светот беа таму.Затоа донесов одлука да ги одликувам со Орден за воени заслуги сите припадници на Армијата кои беа во мисијата во Авганистан во изминатите две децении. Нашите војници тоа го заслужија“, рече претседателот Пендаровски.

 

 

Претседателот Пендаровски го додели признанието Повелба на Република Северна Македонија на потполковник Егил Далтвејт, припадник на вооружените сили на Кралството Норвешка, на Центарот за странски јазици при Армијата на Република Северна Македонија и на Артилерискиот баталјон при Армијата на Република Северна Македонија.

“Чест ми е да ве поздравам и да го честитам 18 Август – Денот на Армијата. Овој пат, најголемиот празник на војската го одбележуваме во година на два големи јубилеи за нашата држава.

Денот на Армијата го прославуваме, не само во година на споменатите два јубилеи, туку и во време кога се соочуваме со два сериозни предизвика – пандемијата на КОВИД-19 и катастрофалните пожари. Како Врховен командант на Армијата сакам да им се заблагодарам на сите храбри мажи и жени во униформа кои се активно вклучени во справувањето со овие големи опасности. Бидете уверени дека македонските граѓани ја препознаваат и ценат вашата професионалност и пожртвуваност и знаат дека можат да сметаат на вас и во мирни и во тешки времиња. Затоа, во името на сите граѓани, уште еднаш, ви благодарам за се што правите на тој план.

Нека ни е честит денот на Армијата! Да живее Република Северна Македонија!”