Трет Балкански поетски камп за деца и млади “Ванчо Николески”

Сподели

 

Во организација на Здружението за литература и култура “МАЦКОВО” од Охрид,ќе се одржи Третиот Балкански поетски камп за деца и млади  “Ванчо Николески”.

Учесници се млади поетски надежи од Македонија, Србија, Албанија и Бугарија, виртуелно  од Босна и Херцеговина – Република Српска и Грција.

 

 

Годинава, за првпат, поканета е да биде  дел од програмата  и Првата детската амбасада “Меѓаши” од Скопје.

Во одборот на учесниците, вклучени се културно информативните центри од соседните земји, при што најтесна соработка е воспоставена со КИЦ во Софија, заедно со Друштвото на писателите на Бугарија.

 

 

Покрај Охрид, каде ќе биде свеченото отворање со прием и поздравен збор на претставник на локалната самоуправа, одделни манифестации, ќе се одржат и во Струга, Вевчани, Белчишта, како и во селото Црвена Вода, родното место на писателот за деца и основоположник на македонската литература за деца, Ванчо Николески.

 

 

Организаторите напоменуваат дека остваруваат тесна соработка со менаџментот на Струшките вечери на поезијата. Учесниците на Кампот, еден ден, ќе бидат заедно со своите постари колеги и идоли, присутни на светскиот поетски фестивал во Струга, кој годинава е јубилеен – шеесетти по ред.

Кампот, меѓудругото, се одржува и под грижата на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој им испраќа Посланија, но и под покровителство на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, од каде Посланија им испраќа Д-р Лаура Троиси, генерален секретар.

 

Веле Митаноски