Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека ќе дадат рок до вторник рано претпладне, Министерот за здравство и неговиот заменик да ги достават своите оставки до Собранието, како би можело тие да бидат констатирани на почетокот на веќе закажаната нова седница истиот ден.
„ Доколку не бидат поднесени овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, секако со понудена соработка и на други пратенички групи и пратеници, врз основа на член 184 став 1 од Деловникот, ќе поднесе до Собранието Предлог Oдлука за разрешување на министерот за здравство и заменикот на министерот за здравство.
Нема да поднесеме овој пат Интерпелации бидејќи не сакаме интерпелацијата да ја доживее судбината на изминатите интерпелации коишто беа поднесувани во минатот и никогаш повторно истите да не бидат точка на дневен ред, и практично да ја преполнат фиоката на господинот Талат Џафери. Нема повеќе простор кај него да ги крие и заштитува овие неспособни владини функционери.
Штом Премиерот Заев си подигрува со Собранието и не ги доставува оставките до органот кој е надлежен, органот кој ги избрал Министерот и заменик министерот, тогаш ќе одиме по оваа процедура. Мора да се обезбеди и гарантира независна истрага“ порача Мицкоски.