Промоцијата на книгата “ТОЈ И ЈАС” од Гордана Винчиќ ќе се случи на 7. декември, во Домот на културата “Кочо Рацин” во Скопје со почеток од 12 часот.
Гордана Винчиќ е уметник со над 20 самостојни и повеќе од 40 групни изложби во Македонија, Франција, Шведска, Англија, Русија, Мароко, Кипар и тн. Петнаесет години живееше и работеше во Шведска каде реализираше над 300 ликовни работилници за ранливи групи во општеството. Досега Гордана има изработено над 3000 уметнички дела: цртежи, слики, илустрации, графики, дигитални цртежи, инсталации, мурали и реди мејд склуптури.
Деновиве излезе од печат нејзината прва книга која е во целост посветена на нејзиниот татко – познатиот и признат македонски и југословенски археолог- специјалист за антиката Живојин Винчиќ.
“Постојано нѐ носеше на локалитетите каде што се вршеа ископувања во Македонија. Од него сестра ми и јас научивме за митологијата, симболите, традицијата и други интересни приказни од минатото. Токму тој ни ја разви огромната желба за истражување и љубопитноста за несекојдневни и невообичаени настани. Од таму и во моите дела ги сликам дамнешните културни наследства, симболите и митологијата во современа изразна форма” – вели авторката Винчиќ.
Поврзаноста меѓу таткото и ќерката, меѓу уметноста и археологијата, меѓу животот и смртта се волшебно преплетени во оваа книга насловена како “ТОЈ И ЈАС“.
Ова дело е толку интимно…емотивно…длабоко..
Прекрасен и непроценливо најубав дневник за духовното, едукативното, физичкото и емотивното растење на својот татко, дневник во кој се вткаени сите прекрасни спомени од своите најблиски предци. Компарацијата со реките алудира на разновидни периоди од патот по кој тој минал.
Со заминувањето на Винчиќ на некое друго подалечно место (можеби некаде по синото небо со другарите фрла мрежи испреплетени со рибарски приказни) не престана неговата кауза – секогаш да се помогне таму каде што треба, таа улога ја продолжи и неговата ќерка Гордана.
“Додека работев во Шведска каде ги завршив студиите за социјална работа, уметноста ја користев како важен дел во терапевтската дејност со индивидуи и групи, а средствата ги дониравме во хумани цели и тоа најчесто за деца без родители. Исто сакам тоа да го сторам и со продажбата на оваа книга. Финансиите ќе бидат наменети за деца без родители – а ова го правам за спомен на мојот татко – кој и тој беше дете без родители, израснат во дом“– ни кажа Гордана Винчиќ.
На 19ти Декември во Социјалниот центар “Дуња” во Скопје сите љубители на уметноста ќе имаат можност да присуствуваат на еден арт перформанс посветен на промоција на оваа книга.
“А веднаш по новогодишните празници ќе следуваат промоции на кигата ширум Македонија, во сите градови и места каде што мојот таткоп истражувал. Неодамна добив и понуда книгата да биде преведена на англиски и шведски јазик а книгата ќе да добие и европска промоција“ – изјави Винчиќ.
Делата на Гордана Винчиќ се продаваат на платформата Auroom.store