Членовите на СДСМ вчера на демократски, тајни и непосредни внатрепартиски избори, со својот глас бираа нов претседател на партијата.
На 194 гласачки места ширум државата вкупно гласале 44.406 членови на СДСМ односно 86.5 отсто од активно регистрираните.
Димитар Ковачевски е новиот претседател на СДСМ со освоени 37.649 гласа.
“Сакам да ви се заблагодарам на сите што гласавте за нов лидер на партијата. Сакам да им се заблагодарам на сите членови на СДСМ што гласале за мене и што ми дадоа подршка”, – изјави Ковачевски.
“Вечерва СДСМ е победник. Вечерва СДСМ одржа уште една лекција од демократијата. Вечерва може сите да славиме за успешните избори, но од утре мора да ги засукаме ракавите и да се фатиме за работа. Наша е одговорноста за се што ќе се случува со партијата, но и во државата во годините што следат. Секогаш кога СДСМ е силен и има јасна агенда која одлучно се спроведува, државата оди напред. Затоа ни треба силен и обединет СДСМ кој има јасни цели и енергија за нивно спроведување. Ние сме столб на прогресивниот дел од општеството и граѓаните со право очекуваат од нас да работиме заедно, одговорно и посветено.
Сакам да му се заблагодарам на Зоран Заев, кој не само што тој во својот мандат оствари многу значајни победи за СДСМ, туку и за тоа што со неговата храброст за решавање на проблемите и чуство за одговорност сите на мотивираше и инспирираше. Зоран Заев го консолидираше СДСМ во многу тешки услови. Заедно со граѓаните го сруши режимот на Груевски, ги врати слободата и демократијата, воспостави едно општество за сите ја внесе државата во НАТО и ја донесе пред портите на преговори со ЕУ. Зоран Заев не научи што е лидерство, што е партиско другарство и што вистински значи да се биде демократ и прогресивен политичар. Тој ни остава аманет да го продолжиме патот на демократсиот развој и грижа за сите. Ние од тој пат нема да отстапиме.
Мојата програма Заедно, Одговорно и Посветено подразбира да работиме со здружени сили и секој најодговорно да им се посвети на задачите кои му се доверени. Вечерва завршуваме со ветувања, од утре почнуваме со реализација. Не чека напорна работа ако сакаме СДСМ да биде таков каков што сите го посакуваме, силен и обединет. Многу работа за да ја вратиме довербата на граѓаните и членството. Многу работа и посветеност за нашата земја да биде водена уште долго според принципите и вредностите на социјалдемократијата”.