Д-р Драган ЈОВАНОВ: Ако успеам да спасам барем еден човечки живот, не живеам залудно

Сподели

 

ДЕНЕС магазин го прогласи д-р Драган Јованов за “Хуманист 2021”, со својот допринес за општеството.

“Aко успееме моќта на позитивна сугестија да ја искористиме во терапијата кај луѓето, ќе можеме да ги подобриме нивните животи и да ги направиме посреќни” – Драган Јованов

 

 

Драган Јованов е македонски докажан научник, доктор по фитомедицина и агроекологија. Награден е со бројни меѓународни и национални признанија од областа на фитомедицината, фитотерапијата, фитонутриционизмот и агроекологијата. Познат и признат е како еден од најдобрите млади експерти во светски размери, автор е на над 80 објавени меѓународни трудови и повеќе од 30 книги од овие области. Во 2018 година Драган Јованов е избран за редовен член во Клубот на иновативни умови при Европската академија на науките. Во 2020 година Драган Јованов е избран за Академик во Европската академија на науките, со седиште во Белград и Брисел. Во 2020 година е избран за редовен член во Македонското научно друштво (МНД) со седиште во Битола. Во 2021 е избран за редовен член во Националната асоцијација на иноватори на Македонија (НАИМ). Во 2021 е избран за член во многу интернационални и светски асоцијации и организации.

Јованов се јавува како како организатор и учесник на многу престижни семинари, меѓународни конференции, спортски активности и проекти, каде се стекнува со големи академски достигнувања, искуство и епитет на иновативност во таа насока. Јованов е ментор на децата со Даунов синдром од Здружението “Доза среќа” каде тој целото свое знаење го вложува во среќата на овие деца кои учествуваа на престижни светски настани. Тој за овој ангажман ќе каже: ”Испишуваме една нова историска перцепција со овие дечиња со големо срце. Чест ми е што сум нивен ментор. За 10 месеци освоивме 15 златни медаљи и една сребрена и плус 100 меѓународни награди.”

ДЕНЕС: Драган, твојата работа и труд се бесценети. Се вложуваш несебично во твојата мисија да ја распространиш фитомедицината и да допреш до сите нас со методологијата на оваа наука за здрав живот. Кои се резултатите кои си ги постигнал денес кај нас?

 

 

Д-Р ЈОВАНОВ: Најпрво, пожелно е да спречиме пред да лекуваме. Најдобро е кога секој превентивно на лесен, едноставен, не скап, природен и достапен начин би се погрижиле за своето здравје. Виталноста и одржливоста на човечкиот организам е битен предуслов за извршување на многубројните секојдневни функции. Но, дури и тогаш кога ќе се јави определен здравствен проблем, природните билни препарати се многу ефикасни за лекување. Човекот е природно суштество, човечкиот организам најдобро, најефикасно и најбрзо реагира на природните лековити билки. Бидејќи употребата во континуитет не’ прави отпорни на надворешните влијанија, го зајакнува имунитетот и не’ прави поиздржливи, така што, и во случај да дојде до заболување организамот ќе биде спремен да премине во фаза на самоодржување. Љубовта кон татковината, кон македонската нација и кон она што го работам е извор на непресушен интерес и вложување во фитомедицината. Сакам да започнеме сите една нова фаза во нашите животи, една нова фаза, во која сите заедно со она што го поседуваме ќе си овозможиме среќен и доловечен живот.

ДЕНЕС: Кои се придобивките на фитомедицината?

 

 

Д-Р ЈОВАНОВ: Она што го уништуваме, нема да може да ни помогне кога некоја болест ќе не уништува нас. Она што го чуваме, ќе не зачува и од најголемото зло кое може да го нападне нашето здравје. Луѓето често ме прашуваат што да конзумираат од лековитите растенија за вируси, бактерии, прочистување на организмот од токсини, канцер, невролошки заболувања и др. Современата фитомедицина не е “алтернативна медицина”, туку дел од научната медицина и ја чини основата за превенција и помош при одржување, подобрување и лечење на разни болести кои го напаѓаат организмот. Кога се лекувате со фитомедицински билни препарати треба да бидете трпеливи, бидејќи нивното делување е поспоро, но подобро. Она што лесно се стекнува лесно и се губи, она што долго трае станува составен дел од нашата отпорност и издржливост. Лековитите растенија можете да ги употребувате за сите здраствени проблеми, зависно од стадиумот и тежината на болеста, зависи и тоа колкав ефект ќе постигнете со нивна правилна, континуирана употреба. Со употреба на лековитите растенија во организмот, внесувате неопходни супстанци за вашето здравје (етерични масла, витамини, природни антиоксиданси, флавониди, минерали, ензими и др.) и задоволувате исклучиво важни сегменти од сложениот човечки биолошки систем, а со тоа го зајакнувате вашиот организам. Тој станува поотпорен, ги подобрувате метаболитичките процеси и ги отстранувате штетните материи од организмот и не постои  дефицит од најпотребните материи. Корисните состојки од лековитите растенија најчесто се наоѓаат само во еден дел од лековитото растение и тој дел се користи како билен подобрувач на здравјето, но од лековитото растение за да ги извадиме сите корисни состојки најчесто ги потопуваме со вода. Денешниот живот е многу непредвидлив, токму затоа треба да ни биде современата фитомедицина начин на живот, за навремено и во секое време да бидеме спремни да се соочиме со било каков предизвик. И не само што ќе бидеме во чекор со современоста, туку и чекор понапред, спремни да одговориме соодветно на секој предизвик. Ние како земја кога говориме за лековити растенија, имаме релативно чисти терени. Но, како поминува времето, ние како луѓе самите ги уништуваме природните убавини. Мој совет е да ја кренеме свеста на највисоко ниво, и секако од сите лековити растенија во планинските предели да оставаме 20% од површината со билки, за да има репродукција цело време и да може на долги стази да имаме здравје сите кои ги конзумираме тие природни бенефити. Лекувањето со фитотерапија е индувидуално зависно од болеста и зависно од стадиумот, фитотерапијата бара трпение, бара доверба, бара дисциплина, и правилна терапија, само така ќе ги осетиме бенифитите во целост. Резултатите кои денес ги имам постигнато се признати и наградени во целиот свет почнувајќи од луѓе кои боледуваат од канцерогени заболувања, невролошки заболувања, автоимуни заболувања, секако и за сите други болести или здраствени проблеми со кој се соочуваме во ова стресно време и во овој 21 век.

 

 

ДЕНЕС: Како твојот труд се вреднува во светски рамки и со кои дипломи и признанија си се стекнал надвор од државата?

Д-Р ЈОВАНОВ: Накратко, мојот труд се вреднува многу повеќе низ целиот свет, отколку во Македонија. Најбрзи успеси кои сум ги постигнал од 1 октомври, 2020 до крајот на 2021 година, се преку 2.000 интернационални светски награди и признанија, за најдобар млад научник во областите кои ги работам, почесни докторати, златни медали и пехари за иновации и патенти во областите кој ги работам, специјални награди, академски нобел, едукаторски награди, ордени, награди за хуманост и мир во светот, награди за најдобар истражувач во областите кои ги работам, зладни медали како ментор на децата со Даунов синдром, на престижни светски натпревари и уште многу, многу други престижни награди и признанија.

ДЕНЕС: Кои се разликите во употребата на твоето лекување тука во однос на надвор од државата?

 

 

Д-Р ЈОВАНОВ: Моето лекување се практикува во голем број балкански, европски и светски земји. Разликата е во тоа што, она што го има како автохтоно во Македонија го нема никаде во светот. Таа е разликата. Воедно и моето вложување за што повеќе истражувања сѐ со цел да се направи, односно да се истражи добар додаток во исхраната, за да помогне на луѓето во поголема мера. Јас ги следам сите светски трендови и истражувања во областите кои ги работам и можам да кажам дека може да се носиме и со сите оние земји кои имаат многу подобри услови, лаборатории и истражувачки центри, за разлика од тоа што ние во нашата земја немаме доволно услови сите истражувања и се што работиме, самите се финансираме и соработуваме со меѓународни институции. Државата и тие што се на позиции, немаат никаков слух за нешто што се прави за нашата земја.

ДЕНЕС: Дали државата ја признава твојата работа и ангажираност?

 

 

Д-Р ЈОВАНОВ: Па не баш. Добивам најголема поддршка од народот. Можам само да го издвојам домот на културата “Кочо Рацин” – Скопје, како државна институција која максимално ја призна мојата работа и ангажираност. Сѐ што ни се случува со државата, и сѐ што поминавме овие 30 години од самостојноста, сите луѓе си го гледаа личниот интерес, но го заборавија засекогаш националниот.  Еден едукатор-научник може да биде и голем културен и национален промотор на својот народ. Како човек оставам таков белег што никој не може да го избрише (чесно, достоинствено, хумано, благотворно и научно). Ние сме огледало на една држава, ние сме тие кои треба да работиме на зајакнување на тој национален дух во сите сфери, кој ќе биде добар за сите, а не само за лични интереси. Затоа и сме до овој стадиум каде што сме. Тоа што е најквалитетно во Македонија не се цени, премногу омраза, љубомора и премногу неквалификуван кадар е ставен во “игра” од сите религии кои живеат во Македонија. Затоа и нема напредок нашата држава. 

ДЕНЕС: Каде се применува твојата методологија како докажан научник од областа на фитомедицината и агроекологијата?

Д-Р ЈОВАНОВ: Мојата методологија најмногу се применува во балканските земји, но ја проширив последните години и во голем број на европски и светски земји. Соработувам со илјадници меѓународни здруженија, институции, асоцијации, поединци, академици, доктори, научници, истражувачи, едукатори од скоро сите земји во светот.

ДЕНЕС: Која е твојата неостварена желба и кои се твоите амбции за во иднина?

 

 

Д-Р ЈОВАНОВ: Сите ние имаме разни таленти. “Најсебичната” работа која сум ја направил на овој свет е тоа што сум им помагал на луѓето. Зошто е тоа себично? Затоа што од тоа задоволство, добрината ќе ви ја преплави душата. Предобро е чувството коешто сум го искусил кога сум им помагал на луѓето да бидат здрави и од тоа нема подобро чувство. Во тоа се гледа успехот. Заблагодарете се однапред на божјата енергија за она што е веќе ваше. Тоа е правило бр. 1 во мојот живот и тоа е една од причините за тоа што сум денес. Вистинската работа во твоето срце и душа е внатрешната енергија, поради која сакаш да им помогнеш на луѓето. Сѐ што ќе посакате добро во животот, може и да го имате. Затоа барајте го тоа и потрудете се да го добиете. Секој нека помогне секому. Не борете се само да преживеете, борете се вашиот живот да остави трага во вечноста.

Мојата неостварена желба е да се направи еден голем центар за лица со посебни потреби во Македонија, каков што има во Абсберг, Германија, каде што на тие деца ќе им се даде шанса да ги покажат своите таленти, да работат, да заработат, да творат да живеат и никогаш да не бидат заборавени од општеството.

За во иднина, моите амбиции се да освојам уште неколку престижни светски награди кои досега не сум ги освоил и да ја запечатам историската рамка, која досега од никого не е направена на овие простори. Иако и сега тоа го поседувам. Но, јас сум човек кој секогаш сакам се повеќе и повеќе да придонесам и освојам. Среќна нова година!

Подготвил: Соња Ајановска Деловска