“Нашето женско писмо, во форма на „Компилација МЕГАФОН 1:
Анонимна реалност/дојави на еднородителски семејства и самохрани
мајки во Република Северна Македонија“, има за цел да ги обелодени
предизвиците со кои се соочува денешната самохрана мајка и со
самото тоа да ги стави во јавната сфера, каде сите имаме одговорност
кон подобрување на животите на овие жени.
Со издавање на компилацијата најголем импакт очекуваме да се
направи кон сите поединци и поединки, кои било кога стапуваат или ќе
стапат во контакт со самохраните мајки.
Посебен придонес претендираме да направиме кон оние кои ги носат
одлуките во државата, секој/а во сферата во која може да направи
промена и да го крене гласот за овие жени, кои од осамостојување на
земјата никогаш немале континуирани застапници/чки во владите,
парламентот, институциите… па така се оставени самохраните мајки на
самите маргини од оваа општествена заедница.
Честа да се предговори на овој прв женски мегафон, кој долги години
се крчка во мене, ми прави да немам премногу зборови за него, што
пак ме потсетува на детските денови, кога толку многу имав да кажам
пред училишна табла, зошто искрено учев и многу читав, но устата ми
се лепеше и колената ми се тресеа, поради енормните емоции од
самото излегување на табла. Колку и да се тресат колената и да се лепи устата, научив и учам, секој ден, да говорам за сите доживувања кои ги искусувам, јас и оние со кои сум во интеракција, па така и сега.
Ова женско писмо е мегафонот преку кој анонимните реалности на
самохраните мајки, на оние на кои им се тресат колената и ден денес,
допираат до широката јавност.
Иако дојавите зборуваат за немање, соочување со смртни ситуации,
празни чинии и гладни устиња, за страв, за студ, насилство и болка, за
потрага по дом, за скршени жени, за солзи и закани, сепак, имаат
маѓиско дејство.
Женското пишување е произлезено од потребата на француските феминистки да се вклучат во дијалог со идеите на филозофот Жак Лакан, повикувајќи на радикално и поинакво преиспитување на пишувањето како
активност, што ѝ дава глас на жената, женското тело и женските
искуства, трауми, спомени и доживувања.
Денес, со издавање на оваа Компилација Мегафон 1, пренамената на
женското писмо добива комплетно друга димензија, станувајќи
сведоштво за интердисциплинарно застапување на самохраните мајки.
Самата идеа за создавање на ова дело, е поттикната од комуникацијата
со целната група, преку алатката „brainstorming„ – автентичен метод за
работа во групи чија цел е да се зголеми креативноста, барајќи
заеднички нови начини на застапување и лобирање, како резултат на
проширување на застапувачкиот формален и неформален спектар кои
досега сме ги употребувале низ борбата за овозможување на права и
можности за самохраните мајки во државата, Северна или не, ние
стоиме исправени пред истите проблеми”, ќе напише Дороти Пачкова.
Линк до публикацијата: https://bit.ly/3ESbwFg