Серија земјотреси со епицентар во Лерин – Битолчани вознемирени

Сподели

 

Телеметриската сеизмолошка мрежа на РС Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вчеравечер, 9.1.2022 година, регистрира серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 130km јужно од Скопје во соседна Грција во околината на Лерин.
 
Првиот земјотрес кој се случи во 22 часот и 43 минути беше со Рихтерова магнитуда ML5.6 а беше најсилно почувствуван од населението во југозападниот дел на Републиката и тоа со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала. Во централниот дел од Републиката беше почувствуван со интензитет од IV степени а во Скопје и околината со интензитет од III – IV степени според истата скала.
 
Вториот почувствуван земјотрес беше во 22 часот и 53 минути со Рихтерова магнитуда ML4.2 а беше почувствуван од населението во југозападниот дел на Републиката со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала, информираат од сеизмолошката опсерваторија.
 

Утрово имаше уште еден нов потрес во 7:28 часот, од истото епицентрално подрачје кај Лерин и со јачина од 3,6 степени според Рихтер.

Голем дел од граѓаните на Битола ги напуштија своите домови, дел останаа во автомобилите, дел го напуштија градот, а други пак се вратија во своите домови по неколку часа по силниот земјотрес. Дел од зградите во Битола се оштетени во скалишните делови, односно ходниците и во некои станови.

Градоначалникот на Општина Битола, Коњановски за денеска закажа состанок на општинскиот кризен штаб.