Бугарскиот премиер Кирил Петков на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски му ја предаде апликацијата „dDnevnik” која ќе им го олесни животот на болните од дијабетес во нашата земја.
Софтверското решение „dDnevnik” го изготвија врвните таленти на компанијата „Скеил Фокус”, која како најголема странска инвестиција од Бугарија во ИТ секторот работи во нашата земја од 2019 година.
Станува збор за Проект подржан од Министерството за надворешни работи на Бугарија, преку оперативната Програма за развој, во кој компанијата „Скеил Фокус” е партнер заедно со Фондацијата Метаморфозис од Скопје, која има за мисија да ги доближи дигиталните технологии до сите граѓани.
Идејата за развој на ваков вид апликација е поддржана и прифатена и од Министерството за здравство на Република Северна Македонија.
Тимот на Скеил Фокус за време на реализацијата на Проектот ја развиваше апликацијата „dDnevnik“, консултирајќи се со лекари, ендокринолози и секако со здруженијата на пациентите со дијабетес.
Корисниците на оваа апликација ќе имаат можност бесплатно да ја користат на македонски и албански јазик и ќе биде достапна за корисниците од февруари годинава. За неколку месеци, оваа апликација ќе стане активна и на бугарски јазик во Република Бугарија, за тамошните пациенти. Оваа мобилна апликација е достапна на двете платформи за IOS и за Android.
Претседателот на Бордот на директори на Скеил Фокус, Пламен Цеков пред присутните порача дека преку апликацијата „dDnevnik“ дијабетичарите успешно ќе можат да се справат со предизвиците што ги носи дијабетесот и ќе им помогне во превенцијата и за поефикасно лекување.
“dDnevnik” овозможува пациентите да ги запишуваат измерените вредности за нивото на шеќер во крвта на нивните мобилни телефони, наместо на хартија. Добиените анализи за одреден временски период, апликацијата овозможува да бидат споделени со лекарите или други блиски членови од семејството, преку однапред дефинирани правила од страна на корисникот”, истакна Цеков.
Генералната менаџерка на „Скеил Фокус“ за Македонија, Софче Јовановска порача дека голема е професионалната сатисфакција на целиот тим на компанијата од креирањето на ваков тип на апликација, која ќе им го олесни животот на болните од дијабетес, а на лекарите ќе им овозможи полесен пристап до аналитички податоци за здравјето на пациентите.
Ова е само еден од над 500 светски проекти, кои „Скеил Фокус“ ги има испорачано за повеќе од 300 клиенти низ светот, во Америка, Европа и Азија. Токму годинава, „Скеил Фокус“ слави 10 годишен јубилеј, 10 години забрзан раст и развој, препознаен и од реномираните Форбс и Фајненшл Тајмс кои што изминативе години ја вброија компанијата и во најбрзо растечките компании во Европа.
Во Скопје компанијата започна да работи со 10 вработени, а денеска бројката надминува 130 луѓе. Бизнис планот на „Скеил Фокус“ е да ги мотивира и задржи младите ИТ кадри да останат во земјата.