Постапката за набавка на системи за следење (мониторирање) на гликоза, односно сензори наменети за пациенти со дијабетес тип 1, е поништена согласно член 114 од Законот за јавни набавки, информираат за Мета од Министерството за здравство. Како што оттаму појаснуваат, процесот е поништен откако стручна комисија извршила евалуација и констатирала дека ниту една од понудите не е прифатлива.
„Согласно нивното стручно мислење донесена е одлука за поништување на постапката. Грижејќи се за оваа категорија пациенти, дополнително во наредниот период ќе биде прецизирана временска рамка за реализација на оваа активност, согласно новиот план за јавни набавки, кој сè уште е во фаза на подготовка“, велат од министерството.
Информацијата за поништувањето на постапката доаѓа во време кога со министерството раководи Беким Сали. Поранешниот министер Венко Филипче во октомври минатата година ја најави набавката на овие сензори и кажа дека во првата фаза ќе бидат набавени сензори за сите деца до 18 години, а со следната набавка ќе се зголеми и годишната граница.
„Наша цел е да обезедиме бесплатни сензори за сите пациенти со дијабетес и со тоа значително да им го зголемиме квалитетот на животот“, рече Филипче додавајќи дека ова е последниот сегмент за промена на сликата за третманот на пациентите со дијабетес.
Процесот за набавка на овие уреди следуваше откако Мета објави интервју со шестнаесетгодишната Миа Чичкариќ, која живее со јувенилен дијабетес тип 1.