Академик Радован Павловски поет почина на 84 возраст, есеист и патописец, соопшти Македонската академија на науките и уметностите во која тој беше редовен член од 2006 година.
Својот живот го посветува на поезијата, која ја твори повеќе од шест децении. Во 1952 година во списанието „Народно здравје“ првпат е објавена неговата кратка песна „Загонетка“, а во 1955 година се определува за светот на поезијата создавајќи ги првите песни од збирката „Суша, свадба и селидби“. Покрај пишувањето поезија твори и во другите уметности, цртајќи цртежи, карикатури и скулптури.
Павловски беше член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ. На 10 мај 2006 година е избран за редовен член на МАНУ.
Автор е на книгите поезија: „Суша, свадба и селидби“ (1961/1971), „Корабија“ (1964), „Високо пладне“ (1966), „Клима и лира“ (1966), „Езерска земја“ (1969), „Низ проѕирката на мечот“ (1971), „Сонце за кое змијата не знае“ (1972, на хрватски), „Пир“ (1973, на хрватски), „Зрна“ (1975), „Молњи“ (1978), „Стражи“ (1980), „Магија момче“ (1981), „Чума“ (1984), „Клучеви“ (1986), „Марена“ (1986), Избрани дела во три тома (1986), „Темелник“ (1988), „Зрна, Молњи и Клучеви“ (1989, трилогија), „Замок на розата“ (1990, избор), „Бог на утрото“ (1991), „Светлина“ (1993), ,„Вселенски деца“ (1993, поезија за деца), „Јавач на звукот“ (1995), „Синот на Сонцето“ (1999), „Штит“ (2001), „На едно око“ (2002), „Свртничар на светлините“ (2004), „Господар на перото“ (2006), „Океан во капка“ (2008), „Заштитна повелба“ (2008), „Воспеви“ (2009), „Јас сум време“ (2009), „Мојата ѕвезда“ (2012/2013, собрани дела во три тома) и „Се случува вечност“ (2014).