Фондацијата „Славко Јаневски“ годинава наградата „Роман на годината“ ја додели на романот „Денот на црвот“ од Симона Јовановска. Романот е издаден во 2021-ва од издавачката куќа „Или- или“ и е од едицијата „ПроАза“.
Оваа награда е со особено значење за македонското литературно творештво бидејќи се доделува за роман кој е прв пат објавен и има голем придонес за афирмација на македонската романсиерска продукција и е поттик и поддршка на домашните автори.
Според жири комисијата, „Денот на црвот“ е успешно книжевно остварување во кое авторката на умешен начин комбинира различни приказни, човечки судбини и егзистенцијални ситуации.
Жири комисијата беше во состав: Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Владимир Јанковски, Лидија Пандева и Катерина Богоева.
Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 23-ти пат и се состои од плакета, статуетка и паричен износ од 150.000 денари.