ЕБОР и ЕУ ја поддржуваат енергетската ефикасност во Северна Македонија

Сподели

 

ЕУР 2 милиони кредит на НЛБ Банка Скопје за натамошно кредитирање на станбениот сектор

  • Кредит на ЕБОР во вредност од ЕУР 2 милиони за НЛБ Банка Скопје
  • Нова финансиска поддршка за инвестиции во заштеда на енергија
  • Донаторска поддршка од Европската Унија, Австрија и Инвестициската програма за Западен Балкан

 

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри кредит во износ од ЕУР 2 милиони на НЛБ Банка Скопје  во Северна Македонија, третата најголема банка во земјата, кои ќе бидат пласирани  на нејзините клиенти за инвестиции кои ќе ја подобрат енергетската ефикасност во нивните домови.

Финансирањето е од Програмата за финансирање на зелена енергија (GEFF) на ЕБОР, која промовира инвестиции во енергетска ефикасност во станбениот сектор. Позајмувачите кои аплицираат за овие кредити, ќе имаат право на поврат на средства до 20 отсто од вкупната инвестиција, откако мерките за енергетска ефикасност се успешно имплементирани. Оваа поддршка со грант е обезбедена од Европската Унија (ЕУ).

Анди Аранитаси, Претставник за Северна Македонија, ЕБОР изјави: ,,Ни претставува големо задоволство што ја надградуваме соработката со НЛБ Банка Скопје во заедничката тенденција да се подобри пристапот до финансии на граѓаните, кои сакаат да ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, преку нашата позната ГЕФФ програма, која станува се попримамлива. Со растечките цени на енергијата во Европа, граѓаните можат да ги користат овие кредитите за да ја намалат потрошувачката на енергија и да ги намалат сметките”.

Штефен Худолин, Раководител на одделот за соработка во ЕУ Делегацијата во Северна Македонија изјави:,, ЕУ останува посветена во поддршката на земјата, и за време на оваа енергетска криза ги поддржува програмите за енергетската ефикасност, од кои ѓраѓаните и домаќинствата ќе имаат корист. За нас и за идните генерации, треба да мислиме подалеку од тоа што ќе биде утре, и заради тоа нудиме добри финансиски програми кои ќе генерираат пониски сметки за електрична енергија. Нашата иднина е зелена, а транзицијата кон зелена и одржлива енергија е поврзана со добри инвестиции кои ќе ги направиме денес.”

,,Како една од трите најголеми и системски најважни банки во земјата, веруваме дека имаме важна улога во креирањето на општата клима на финансирање на зелената енергија. Со оваа кредитна линија продолжуваме да обезбедуваме полесен пристап за домаќинствата до финансирање на проекти во врска со обновливи извори на енергија, постигнување на заштеди на енергија и заштита на животната средина, што во целост кореспондира со нашата политика на одговорно кредитирање и одржливост. Горди сме на досегашната соработка со ЕБОР и придонесот кој го имаме во зголемување на свеста за важноста од енергетска ефикасност, како и  во севкупниот успех на Програмата за финансирање на зелена енергија на Западен Балкан “, изјави Бранко Грегановиќ, Претседател на Управниот Одбор на НЛБ Банка Скопје.

НЛБ Банка  Скопје е една од трите најголеми македонски банки, со мрежа од 48 експозитури во целата држава, преку кои ќе се пласираат горенаведените кредити.

Покрај поддршката со грант од ЕУ, Програмата за финансирање на зелена енергија е поддржана и од Австрија и Инвестициската програма за Западен Балкан  кои обезбедија финансирање на техничката помош за програмата.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над ЕУР 2,2 милијарди во 154 проекти во земјата.