Министерството за одбрана размислува за зголемување на учеството на Армијата на Република Македонија (АРМ) во мировните операции, истакнал министерот за одбрана, Зоран Јолевски, за време на посетата на седиштето на Обединетите нации во Њујорк, односно одделот за мировни опарации.
Домаќин на Јолевски, како што информираат од МО, му бил потсекретарот на ОН и шеф на Одделот за мировни операции, Херве Ладсоус.
„На средбата, министерот Зоран Јолевски го информираше Ладсоус дека во рамките на министерството за одбрана сериозно се размислува за зголемување на учеството на АРМ во мировните операции и давање на поголем придонес кон светскиот мир. Ладсоус срдечно ја поздрави оваа иницијатива и ги понуди сите капацитети на Одделот за мировни операции на ООН на располагање како помош за Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана при планирањето, донесувањето на одлуките и во подготовките за распоредување на македонски контингент во дел од постоечките мировни мисии на ООН“, стои во соопштението на Министерството за одбрана.
Јолевски, доплнително, разменил и дел од своите идеи околу регионалните иницијативи во доменот на мировните оепарции кои добиле силна поддршка од Ладсоус.
„Министерот Јолевски информираше дека Македонија од септември ќе биде домаќин на Штабот на балканските медицински сили, како и за тоа дека е кандидат за седиште на штабот на СЕЕБРИГ (SEEBRIG), бригадата на Југоисточна Европа. Двајцата соговорници ја завршија средбата со заклучок дека изнесените идеи имаат сериозен потенцијал за понатамошно унапредување на соработката“, додаваат од МО.