Кацарска: Уставот често се менува, апелирам партиите да се заангажираат за воведување на „уставна тужба”

Сподели

 

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска синоќа даде интервју за емисијата Топ Тема на Телма во која одговараше на повеќе прашања поврзани со работата на Уставниот суд.

„Mногу често се менува Уставот во нашата држава, а никогаш всушност прашањето што е најважно за граѓаните-уставната тужба никој, ама баш никој не ја споменал. И доколку се отвора Уставот еве мој апел до сите политички партии да се заангажираат околу надлежностите на Уставниот суд, воведувањето на уставната тужба, нешто што е навистина од важно значење за животот на граѓаните, рече Кацарска и нагласи дека Северна Македонија е една од ретките држави кои не го овозможила ова право на своите граѓани. Едно од тие права кои се позначајни за граѓаните е и право на здрава животна средина за кое Уставниот суд би можел да ги прошири надлежностите. 

„Ние веќе имаме поведено постапки и имаме укинато одлуки на општините таму каде што не се запазува постапката за животна средина. Тоа се нашите надлежности. Но, за жал ние сме можеби единствената земја која што немаме уставна тужба или некаде ја нарекуваат уставна жалба. Кога тоа би било вметнато во Уставот и ние би имале таква надлежност би одлучувале за сите права на граѓаните. За жал тука сме веќе немоќни да направиме нешто повеќе од нашата реакција во ДУП-овите на општините, изјави Кацарска.

Претседателката на Уставниот суд ја објасни и актуелната надлежност на уставните судии, посочувајќи дека надлежноста за слободите и правата на граѓаните ја црпат од членот 110, алинеја 3 од Уставот. За овој дел таа наведе дека се ограничени и не можат да постапуваат за сите слободи и права на граѓаните.

 

„Затоа во Уставниот суд направивме нов Акт, наместо Деловникот кој што е од 1992 година, бараме начин како можеме, а да не го прекршиме Уставот, а во интерес на граѓаните да можеме да постапуваме и за повеќе слободи и права од она што е предвидено во членот 110. Имаме консултации со експерти, професори и чекаме да се пополни бројот на судии и ќе видиме што можеме ние да направиме во интерес на граѓаните, истакна Кацарска.

Според претседателката Кацарска воведувањето на уставната тужба ќе даде подобра слика и пред судот во Стразбур. 

„Битно е дека Уставниот суд ќе биде последна инстанца пред граѓаните да се обратат пред Судот во Стразбур. Со самото тоа и државата добива. Ние да одлучиме, па макар и во пет предмети кој што нема да одат пред Судот во Стразбур, е во интерес и на самата држава, а пред се на граѓаните, рече Кацарска.

На прашањето што значи одлуката да се поведе постапка за член 12 од Законот кој ја опфаќа изградбата на Коридорите 8 и 10, Кацарска одговори: 

„Одлучувавме по иницијатива на синдикатите и Гласен текстилец за тој закон за изградба на коридорите во кој е предвидено работниците да може да работат „во просек по 60 часа неделно”, што е навистина неуставна одредба затоа што просек значи дека ќе има можеби недели кога работниците ќе работат и по 80 или 90 часови. Јас лично сметам дека воопшто не ни треба таква одредба да постои во тој закон со определување на работно време, затоа што  Уставот е многу јасен и во него точно е наведено дека работникот има право на дневен,неделен и годишен одмор,а сите права се регулирани со закон или колективни договори. Токму во Законот за работни односи е утврдено дека работните часови не можат да бидат повеќе од 40 часа неделно, изјави во интервјуто за  Топ Тема претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска

На темата за избор на уставните судии и пополнување на сите судиски места во Судот како што предвидува Уставот, претседателката одговори: 

„Срамно е за државата ако до декември, кога судијката Вангелина Маркудова ќе оди во пензија, да не можеме да избереме и ќе немаме нови судии. Тогаш државата нека каже дека Уставен суд не треба да има, не сакам ниту да мислам на тоа…што би работеле тогаш, не сакам да прифатам, но можам да очекувам. Еве и во јуни требаше да се изберат, јас дури и тогите ги дадов на хемиско чистење, но ете не се случи изборот на нoвите судии, изјави Кацарска.