Наградени 3 најГЛАСни! ученички заедници од 3 средни училишта

Сподели

 

Кога училиштата поддржуваат и поттикнуваат ГЛАСни ученички заедници, имаме активни и мотивирани ученици подготвени да преземат активно учество во демократските процеси и да бидат носители на промени во образовниот систем, но и во општеството. Ова можеше да се заклучи од тридневниот настан доделување на наградата за средношколско учество-најГЛАСни! , кој се одржа од 29 до 31 март во Скопје и Велес, во организација на фондацијата Конрад Аденауер, Здружението ЛЕАД и Сојузот на средношколци на Северна Република Македонија.

На настанот учество зедоа претставници на 7 училишта како финалисти, составени од по 3 ученици и еден наставник, кои беа  избрани на отворен повик. Во рамките на активностите, беше посетено Собранието на РСМ каде учениците имаа можност да дискутираат и разменат искуства со младите пратеници во рамките на Клубот за младински прашања и да се запознаат со функцијата на оваа институција.

 

 

„Клубот за младински прашања и политики е партнер на младите. Преку ваквите настани сакаме да пратиме порака дека младите имаат поддршка во процесот на креирање и носење на одлуки” изјави Моника Зајкова, пратеник и претседател на Клубот за младински прашања.

Останатите два дена учениците ги разработуваа нивните акциски планови за имплементирање на училишни иницијативи, кои потоа беа презентирани пред тричлено стручно жири.

 

 

Врз основа на претходно дефинирани критериуми и потенцијалот на училишните иницијативи комисијата селектира 3 училишта за победници кои добија по 10.000 денари за имплементација на нивната иницијатива во своите училишта.  СУГСГ „Орце Николов„-Скопје, СОУ „Коста Сусинов“-Радовиш и ОСУ „Св.Климент Охридски„-Охрид добија признание за најГЛАСни ученички заедници.  

Организаторите беа задоволни од интересот за учество во настанот кој за првпат се одржува и ќе продолжи во иднина да ги наградува најдобрите училишни заедници.

 

 

„Наградата овозможува поттикнување на демократското учество на учениците во рамки на училиштата како темелна европска вредност. Демократското учество е многу важно за создавање на свесни граѓани кои потоа ќе бидат активни чинители и ќе придонесуваат во општеството“ изјави Даниел Браун, Официјален претставник на канцеларијата за Северна Македонија

 „Преку наградата за средношколско учество сакаме да дадеме наш поттик и придонес за средношколското учество во нашата земја, но и да ги препознаеме, наградиме и поддржиме позитивните примери во делувањето на средношколците“ изјави Иван Јованов Извршен директор на ЛЕАД.

Наградата за средношколско учество-најГЛАСни! се доделува од страна на Фондација Конрад Аденауер и Здружение Лидери за едукација, активизам и развој и Сојузот на средношколци на РСМ. Како активни поддржувачи и промотори на ученичкото учество низ изминатите години, наградата претставува признание за активноста и работата на средношколските заедници во насока на унапредување на положбата на учениците во своите училишта и вклучување во училишните процеси.