Активирани банкарски гаранции на „Графички Центар“ ДОО – во стечај, во буџетот на Општина Центар вратени 20.000 евра

Сподели

 

Општина Центар ги активираше банкарските гаранции на правното лице „Графички Центар“ ДОО Скопје – во стечај, врз основ на потпишани договори за отуѓување на земјиште со електронско јавно наддавање со намена В3 – култура, за градежни парцели кои се дел од Деталниот урбанистички план – локалитет „Тетовска трошарина“, во близина на тврдината Кале.

Двата договори „Графички Центар“ ги склучил со Министерството за транспорт и врски на ден 13.11.2012 година. Согласно членот 4 од договорите, рокот на прибавување на одобрение за градење на предвидените објекти бил 9 месеци од денот на запишување на правото на сопственост во катастарот, односно од 20.12.2013 година.

 

Од причина што парцелите се наоѓаат во дел кој е од културно и историско значење за градот (тврдината Кале), „Графички центар“ склучува договор со НУ Конзерваторски центар за вршење на заштитно-археолошки истражувања, кои започнале на 1.9.2014. При истражувањата на парцелите пронајдени се археолошки остатоци од муслимански гробници од 19-тиот век и НУ Конзерваторски центар го известил правното лице дека археолошките истражувања ќе траат 50 дена. Со мислење на НУ Конзерваторски центар, по завршување на археолошките истражувања, остатоците од гробниците треба да се префрлат на градските гробишта Бутел.

По неколку преписки помеѓу „Графички центар“ и Министерството за транспорт и врски и пролонгирања на роковите за добивање на одобрение за градење, во мај, 2017-та година „Графички центар“ ДОО оди во стечај.

Со одлука на Владата на РСМ од 18.12.2018 година, неизграденото градежно земјиште во сопственост на државата на територија на општината, после долго време се враќа во владение на Општина Центар и предметите формирани врз основа на склучени договори за отуѓување на градежно земјиште по пат на јавно наддавање се предадени на општината.

Со добивањето на дополнителната документација а врз основ на договорите општината поднесе: непарично побарување со барање за исполнување на обврските од договорите, парично побарување за наплата на договорни казни согласно член 6 од договорите (поради необезбедно одобрение за градење во предвидениот рок) и парично побарување за активирање и наплата на износот од банкарските гаранции за навремено и квалитетно завршување на работите.

Општина Центар се обрати до НУ Конзерваторски центар и доби одговор дека заштитните археолошки истражувања се завршени, но не и дислокацијата на коските, за што се потребни финансиски средства од купувачот на земјиштето, „Графички центар“, за кого пак е отворена и веќе се води стечајна постапка. За евентуален почеток на било какви градежни дејства, потребно е да се заврши целата постапка.

Поради непочитување на договорот и непреземање на договорните обврски на правното лице „Графички центар“, Општина Центар ги активираше банкарските гаранции за двата потпишани договори за отуѓување на градежно земјиште со електронско јавно наддавање и во општинскиот буџет врати вкупно 20.000 евра.

Покрај ова, на 4.6.2020-та година Општина Центар пред Основниот граѓански суд – Скопје, поведе постапка за утрдување на договор за отуѓување на државно земјиште, а на 27.11.2020-та година, поднесе тужба за утврдување на делумна ништовност на нотарски акт со предлог за обезбедување.