По повод вчерашната изјава на директорот на МЕР, Бајрам Реџепи во која се вели дека Владата одлучила гасоводната делница Скопје – Тетово – Гостивар да продолжи да се гради по истата траса низ парк шума Водно, со неколку измени и мерки, активистите за заштита на Водно очекуваат јавен одговор од Владата со објавување на нејзината одлука гасоводот да помине низ парк шума Водно, донесена на владина седница.
„Последниот официјален став на Владата познат на јавноста е од 27 март каде го задолжи Министерството за транспорт и врски, Градот Скопје и МЕР да најдат заедничко прифатливо решение во однос на изградбата на магистрален гасовод Делница 5 Скопје – Тетово – Гостивар кај потегот на Водно“, велат иницијаторите за заштита на Водно.
Директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Бајрам Реџепи во интервју за МИА рече дека Владата одлучила неколкукратно да ја компензира исечената шума со пошумување на овој предел и да се врати во првобитна состојба за неколку месеци.
Граѓанските активисти и вицепремиерот Кочо Анѓушев го поминаа делот на Водно за да го уверат каква шума и природа ќе се уништи и на таа средба, од МЕР ја соопштија новата траса.
Но, ставот на активистите е дека гасовод низ Водно не треба да поминува бидејќи парк-шумата Водно има заштитен статус кој Собранието на град Скопје го има донесено во 1976, а е потврдено во 1991.