АРТУРО САНДОВАЛ НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Сподели

unnamed-4-702x295

Легендарниот џез-трубач Артуро Сандовал од Куба, кој денес важи за еден од најценетите чувари на џезот и за реномиран класичен музичар, пијанист и композитор ќе настапи на годинашното „Охридско лето“.

Концертот на „Артуро Сандовал секстет“ од САД е најавен на 6 август во Античкиот театар, кога ќе бидат изведени повеќе дела од џез-музиката. Сандовал ќе настапи заедно со својот бенд кој го сочинуваат Џон Белзагај – бас, Тики Пасиљас – перкусии, Дејв Сигел – клавијатури, Џони Фрајдеј – удиралки и Кемуел Роиг – пијано.

Артуро Сандовал е еден од најдинамичните и најенергични музичари на денешницата, чии настапи бројат милиони гледачи ширум светот. Добитник на 10 награди „Греми“, шест „Билборд“ и една „Еми“, признанието Hispanic Heritage, како и наградата Presidental Medal of Freedom доделена од претседателот на САД – Барак Обама.

Во својата четиридецениска кариера Артуро Сандовал соработувал и со светските музички ѕвезди како Френк Синатра, Џастин Тимберлејк, Селин Дион и Алиша Кис, ја напишал музиката за филмот „За љубовта на земјата“, чија приказна е темелена на неговиот живот, а во филмот неговиот лик го игра холивудскиот актер Енди Гарсија.

Нескриена идол му бил Дизи Гилеспи, легендарниот трубач, кој уште во 40-тите бил еден од првите американски музичари кои ги спојувале модерниот џез и афрокубанската музика. Во 1970-тите, во рамките на една културна размена, тој ја посетил Куба, а во Хавана сосема случајно го запознал Сандовал, со кого многу брзо се спријателил. Токму таа средба го одредила животот на Сандовал, кој емигрирал во САД додека бил на турнеја со Дизи во 1990 година. Артуро Сандовал студирал класична труба додека растел во родната Куба. Љубовта кон џезот се родила додека ја слушал омилената радиопрограма „Час на џезот“ на Гласот на Америка, со легендарниот водител Вилис Коновер.