Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија, Џес Бејли попладнево имаше средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во новото седиште на партијата, на која било разговарано за изборите што се одржаа нна 11 декември и за идните чекори на партијата.
Бејли, во кратка изјава по средбата истакна дека САД е партнер на Македонија и најави средби и со останатите политички лидери.
– Само што имав средба со Груевски и го ценам тоа што имав можност да го слушнам неговиот став за изборите и за идните чекори. Знаете дека САД е партнер на оваа земја. Ќе имам вакви средби и со другите политички лидери – рече Бејли
Инаку, средбата на Бејли со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа еден ден по протестите пред седиштето на ДИК, на кои директорот на државниот архив, Филип Петровски, иако не го спомна со име и презиме, сепак јасно алудирајќи на американскиот амбасадор, му порача „да се тргне од Македонија и да не провоцира повеќе“.
На прашање на „Мета“ како ги коментираат синоќешните вербалните напади врз странски дипломати во Македонија, говорот на омраза и апелите за линч, од амбасадата на САД одговорија дека изборите беа тесни и природно е што страстите се подигнаа и ги повикаа политичките партии да овозможат процесот на приговори за резултатите од предвремените парламентарни избори од 11 декември да се одвива во согласност со законот, на фер, транспарентен и мирен начин.