Брисел не ја коментира платформата на партиите на Албанците

Сподели

 

Европската комисија денеска не сакаше да ја коментира платформата на партиите на Албанците, но повтори дека очекува наскоро да се формира влада која ќе има широка политичка поддршка.

– Како што и претходно изјавивме, не шпекулираме за составот на владата, за програмата во Македонија, но тоа што го очекуваме, а тоа е став кој го имаме откако се одржаа изборите, е брзо формирање на влада која ќе има широка политичка поддршка и која силно ќе се посвети на европските реформи и на имплементирањето на сите точки од Договорот од Пржино и на реформските приоритети. Тоа е многу јасна позиција, тоа е тоа што го очекуваме – изјави портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ, одговарајќи на новинарско прашање за тоа каков е ставот на Европската комисија за платформата на партиите на Албанците и за „мешањето на странски државници во внатрешните работи во Македонија“.

Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, пред 10 дена, за време на својата последна посета на Скопје, рече дека Брисел не се меша во формирањето на владата и порача дека политичките партии треба да покажат демократска зрелост и да понудат програма која се темели на Договорот од Пржино и посветеност на европската перспектива.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар минатата недела во Берово оцени дека ситуацијата во Македонија не е толку драматична и оти на партиите треба да им се даде простор за да се договорат за формирање влада.

meta.mk