По четири месеци пауза, неделава се очекува да продолжи чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС. Застојот во расчистувањето на опасниот отпад бил заради спроведување на тендер за избор на компанијата која ќе ги изведува работите на терен, на кој повторно е избрана грчката Полиеко, што ги исчисти и претходните два дела од депонијата. Се работи и на одобрување на Планот за ремедијација, за кој во моментов, како што информираат од Министерството за животна средина, се чека на мислењата на Министерствата за здравство и финансии за да може владина комисија да го одбри Планот, пишува Мета.мк.
„Чистењето на третиот лот сè уште не е започнато. Одобрувањето на Планот за ремедијација за овој дел од депонијата е во владина процедура, па се очекува чистењето да продолжи по празниците“, велат од Министерството.
Освен тендерот за избор на изведувач, што траел од август до декември лани, кога била избрана Полиеко, делумна причина за одолговлекувањето на постапката се и измените на законот за животна средина, во делот со управувањето со контаминирани локации. Со нив сега за првпат се предвидува Плановите за ремедијација да ги одобрува владина комисија, а претходно таа постапка се вршела во рамките на министерството за животна средина.
Во проектот што започна пред точно една година за осум месеци беа исчистени два лота од депонијата полна со отпад од делта изомерот на линданот, а остануваат да се расчистат уште два. Во изминатиот период беа извезени 960 тони на HCH отпад и 92 тони на земја контаминирана со HCH. Во дворот на ОХИС стојат уште два контејнери со 34 тони од земјата контаминирана со HCH, кои на уништување ќе се однесат до средината на идниот месец.
Пред една година тогашниот министер за животна средина Насер Нуредини прогнозираше дека чистењето на малата депонија со линдан ќе заврши до крајот на оваа година. Сепак, неколкумесечниот прекин во работите на терен се очекува да го пролонгира најавениот краен рок за целосно завршување на работите на малата депонија.
„Чистењето на третиот дел од малата депонија е предвидено да заврши во втората половина на септември годинава. Истата процедура со избор на изведувач и одобрување на план за ремедијација ќе следува и за четвртиот дел, така што е веројатно дека чистењето ќе се пролонгира“, велат од Министерството.
Во меѓувреме, посочуваат, во ОХИС е набавена и складирана нова опрема и подготвени се бурињата во кои ќе се пакува и транспортира пестицидот и загадената земја, до крајните дестинации на уништување во Франција и Германија. Чистењето на малата депонија до целосното завршување на проектот ќе го раководи УНОПС, со пари од Повеќепартнерскиот фонд за животна средина специјално формиран за чистење на контаминацијата во кругот на ОХИС.
Опасниот пестицид во ОХИС е несоодветно складиран во две депонии во кругот на фабриката, а пред неколку месеци се докажа дека има и трета, надвор од кругот на фабриката, во месноста Пеленица кај Драчево. Депонијата содржи неколку видови опасен отпад. Најновата депонија содржи огромни количини опасен отпад, околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло. Според испитувањата на неколку мерни места на локацијата, високите концентрации на HCH се детектирани во покривниот слој земја, на длабочина помала од 20 сантиметри, а на длабочина од само половина метар е најден чист линдан.
Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога било прекинато од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата. Линданот докажано го има во воздухот од Центар дури до Ѓорче Петров, а според последните испитувања на зеленчук одгледан во околината на фабриката, од девет примероци, три покажале повисоки концентрации на алфа изомерот. Во ОХИС до неодамна беа складирани и 64 тони на десетици други опасни хемикалии, кои за две години, во вкупно седум извози на хемиски отпад, беа извезени на уништување во повеќе држави.