„ЧИСТА ИСТОРИЈА“ КАКО УТОПИЈА (1) – Александар ЛИТОВСКИ

Aлександар Литовски
Сподели

In media res: Кај историската работа голема улога има политиката, но тоа не значи дека историјата е контенјер во кој може непречено да се смести сето политичко и идеолошко ѓубре. Да се обидам, барем малку, да го појаснам ова и да ги појаснам нештата околу пишувањето историја. Минатото секогаш зрачи кон иднината и затоа се јавува како сила во сегашноста. Кај луѓето кои во себе ја имаат дарбата за замислување на иднината, спомените за одамна поминатите денови им дејствуваат како животен еликсир. Меѓутоа ставена во контекст на дневнополитичката прагма или националшовинизмот, историјата, од сите останати продукти на интелектуалната хемија, е најопасна. Таа тогаш залажува, ги разгорува старите омрази, опива и води кон еуфорија и линч, ги раскарува луѓето и народите… Тогаш историјата не учи на ништо друго освен на омраза и конфронтација.

Наспроти глупавиот, еднодимензионален, врховистички, антикомунистички и фашизоиден  историски ревизионизам кој нè малтретираше цели десет години, ние денес сме исправени пред евентуалното прифаќање, под политички диктат, на утопистичката идеја за некаква совршената автономија на историографијата, за некаква целосно деполитизирана, денационализирана и деидеологизирана приказна за минатото, за некава „чиста историја“ втемелена само врз факти, за некаква мултиперспективност преку која македонското минато ќе се гледа со големобугарска диоптрија. Затоа мора да се предупреди: тоа ќе биде не само нацио-понижување (Атанас Вангелов), туку и своевидна ингениозна декаденција на историската вистина пропратена со привремен триумф на бизарни халуцинации за „неконфликтна историја“, за лажна историја што ќе нè зближува со македонските негатори, а која по одреден период ќе исчезне како што исчезнуваат круговите на вода од фрлен камен.

Впрочем, во филозофијата на историјата е позитивно затворено прашањето дека историјата има своја важна улога во етногенезата на народите. Како што одамна е објаснето и тоа дека редењето факти, раскажувањето на легенди, стории, приказни, сеќавања…, без одредена цел и значење, не е историја која луѓето ја познаваат како историска наука. Претпоставката, пак, дека сега, во актуелниот момент ќе напишеме историја „чија клучна задача“ ќе биде само „да сведочи за минатото“ без да има свое влијание во сегашноста и иднината, има дневнополитички и есхатолошки призвук, кој соодветствува на пропагандата или теологијата, а не на историографијата и науката.

Инаку, зачестеното инсистирање на потребата од „мултиперспективност“ во пишувањето на историја, при што тоа е дефинирано како „потребата еден историски настан да се прикаже од различни позиции на сите учесници во него“ е, најчесто, само демагошко-идеолошка флоскула со претензии да ја одбрани актуелната политика на „добрососедство“. Всушност, пишувањето на историја секогаш е мултиперспективно, заради нејзините иманентно логички, функционални и утилитарни димензии како наука. Затоа се зборува за еманципатроска, научна, образовна, идејна, самоопределувачка, политичка, културолошка и друга функција на историјата, но, во секој случај, секогаш се инсистира на зачувување на строгата логичка рамка и примената на општите научни правила и методи.

Во сеопштата морално-политичка беда што како река поројница нè зафати и нè носи незнајно каде, многу „трговци со минатото“ деновиве ќе бараат „историјата да биде чиста наука која ќе се темели само на фактографијата“ и преку која „народите ќе итаат кон взаемно разбирање, взаемна доверба, поблиска соработка…“ Тешко ќе разберат дека историјата не може да биде чиста наука заради тоа што самите факти кои доаѓаат од минатото се субјективни и идеологизирани. Фактот сам по себе, уште не е целата вистина, туку тој е, како што велел Максим Горки: „суровина од која треба да се направи, да се извлечи правата вистина…“ Проучувањето на фактите и причините заради кои тие факти биле можни е дел од историјата, но исто таков дел е нивното анализирање и толкување.

Затоа, треба да се разбере дека историските извори, со оглед на нивната идејна и дневнополитичка природа и контекстуална нецелосност, претежно ја рефлектираат и ја презентираат надворешната, лесно видливата и лесно сфатливата страна на случките, настаните и процесите. Со научниот историографски процес треба да се откријат и изанализираат мотивите и причините за постапувањето на луѓето во определен историски контекст и така да се дојде до приближна реконструкција на објективната историска стварност. Документите од минатото треба да се читаат, треба да се дешифрираат, треба да се постават во контекст со другите документи, а за сè тоа треба да се има специфично историско образование, со кое ќе се изгради специфична историска интуиција.