Д-р Беќаровски: Причината за фамилијарното труење не е ниту „прсканиот праз”, ниту брашното во питата

Сподели

 

Една жена почина поради акутно труење со пестицидот Метомил, односно Ланате. Освен починатата, затруени сè уште две лица, и двете од истото семејство од кои едното е во тешка здравствена состојба, а другиот е стабилен и се наоѓа на клиниката за Токсикологија.Тие биле затруени откако дома јаделе пита со праз, што сами ја подготвиле.

На 17.10.2023 во 12.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, од Клиниката за токсикологија било пријавено дека на 15.10.2023 кај нив за укажување лекарска помош биле донесени три лица од Скопје, затруени од домашна храна која била направена во нивниот семеен дом во Скопје, соопшти полицијата.

Од Токсикологија велат дека се работи за труење со Метомил пестицид, засега е непознато како отровот завршил во јадењето.

Токсикологот, доктор Нико Беќаровски на својот ФБ профил напиша:

“За да не се шири непотребен страв кај населението, причината за фамилијарното труењето и за жал еден изгубен живот со пестицидот Метомил (карбамат), попознат како Ланате, не е ниту “прсканиот праз” ниту брашното во питата.

Инаку доволна е една лажичка концентриран прашок од овој пестицид да предизвика смрт на возрасен човек. Повеќе информации барајте од МВР.
Најдлабоко сочувство до фамилијата на починатата.”